Таравари: 35 наставници бесправно се избркани од работа

Макфакс

11/09/2018

14:45

918

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, тврди дека за само неколку дена 35 наставници биле бесправно избркани од работа.

„Од почетокот на новата учебна година, значи за само неколку дена, 35 наставници бесправно се избркани од работа. На нивно место се вработиле луѓе кои не се пријавени во Агенцијата за вработување и немаат здравствено и пензиско осигурување што е спротивно на член 13 став 7 од Законот за работни односи. Ги прашувам бесправно назначените директори од страна на Министерството за образование, кои се овие луѓе што држат настава а нашите граѓани не знаат кој им ги воспитува и образува моемнтално децата. Дали тие имаат лиценци и дали ги исполнуваат условите за држење настава?“, истакна Таравари.

Градоначалникот на Гостивар подвлече дека веќе е јасно зошто МОН му ги одзеде надлежностите на градоначалникот во областа на образованието.

„Значи нивната цел била инсталирање на партиски војници кои, како што докажав со аргументи, официјални документи ги доставуваат во седиштето на партијата. Затоа ги повикуваме Просветниот инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Обвинителството, а кои претходно ги известивме писмено, да преземат мерки и да видиме кои се луѓето што им држат предавање на гостиварските ученици“, потенцираше Таравари.

Тој, исто така, тврди дека има и проблеми со организиран превоз на ученици во некои основни и средни училишта.

„Одредени принудни директори кои објавија тендер за јавен превоз, на училиштата: Исмаил Ќемали, Единство, техничко и медицинско, се уште не го завршиле тендерот, само го објавиле, и тоа, без да имаат средства во нивниот буџет, а тоа јасно покажува дека моментално учениците останале без превоз. Ние како Општина, иако не сме обврзани, ќе интервенираме со единствена цел да не ги оставиме овие ученици без транспорт“, додаде Таравари.



Спонзорирани линкови

Маркетинг