Арсовски: Како прислушуваните материјали стигнале до лик каков што е Марјанче Стојановски од Демир Хисар?

Макфакс

10/09/2018

16:56

2.808

Големина на фонт

а а а

Криминалниот картел на власт секој ден го покажува своето лице и своите методи на застрашување кон граѓаните, рече денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, во врска со случајот каде градоначалникот на СДСМ од Демир Хисар, Марјанче Стојановски, јавно пред ученици, како што кажа Арсовски, на работно место им се заканувал на просветни работници и ги омаловажувал на најдрзок начин.

Арсовски на денешната прес-конференција емитуваше видео со заканите од Стојановски.

„Како што може да погледнете градоначалникот на Демир Хисар пред малолетни деца, пред ученици се заканува. Шерифлукот на СДСМ е многу посериозен од обична расправија како што тврди МВР, кое што се обидува да го релативизира случајот. Стојановски тврди дека ги прислушкува граѓаните, дека го следи нивното движење и врши притисоци со бомбите на Зоран Заев“, објасни Арсовски по емитувањето на снимката.

Притоа тој запраша како стасале материјалите од нелегалното прислушкување до лик како што е Марјанче Стојановски од Демир Хисар и дали за тоа знаат органите на прогонот.

„На крајот на краиштата дали некојси Марјанче Стојановски е дел од една партиска структура на СДСМ која вршела прислушкување на граѓаните и истите материјали ги злоупотребувала во изборни цели, уцени на граѓаните и притисоци на администрацијата во пресрет на политичките случувања како што е претстојниот референдум, а можеби тоа било дел од стратегијата да стане градоначалник“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ на пресот и посочи дека целата држава е заложник на криминалната власт на СДСМ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг