Левицата во тесно водство на изборите во Шведска

Макфакс

10/09/2018

10:42

841

Големина на фонт

а а а

Левичарската коалиција предводена од социјалдемократите оствари тесна победа над партиите на десниот центар на парламентарните избори во Шведска, додека антимигрантските демократи остварија значаен пораст на поддршката, покажуваат прелиминарните резултатите од државната изборна комисија.

По пребројаните гласови во речиси сите 6 004 окрузи, со 40,6 отсто гласови во благо водство се наоѓа владејачката партија на левиот центар – Социјалдемократската партија на премиерот Стефан Ловен, Партијата на зелените и нивната парламентарна сојузничка Левицата.

Од друга страна, четиричлениот блог на десниот центар Сојуз, кој се состои од конзервативните Партија на умерените и Партија на либералите и демохристијаните, кои на местото на премиер го гледаа конзервативниот водач Улф Кристерсон, моментно има освоено 40,3 отсто гласови.

Со тоа, на коалицијата на левиот центар од 349 пратеници во Парламентот ѝ припаѓаат 144 места, а на Сојузот 142 места. Со оглед на тоа што никој го нема потребното мнозинство од 175 места, тоа укажува на неизвеснот за формирање на Влада.

Националистичките шведски демократи имаат освоено 17,6 отсто гласови, значително повеќе од минатите избори, кога имале 12,9 отсто поддршка. Тоа им носи 62 пратенички места.

Во екот на мигрантската криза, Шведска како една од најлибералните европски држави на овие избори доживеа свртување кон десно. Ултрадесничарските партии изминатите години доживеаја значаен раст ширум Европа во екот на сè поголемите стравувања за сопствениот национален идентитет и ефектите од глобализацијата по судирите на Блискиот Исток и во Африка.



Спонзорирани линкови

Маркетинг