Закажувањето судења за Јанкулоска не е дискриминација, двајца членови на Комисијата со издвоени мислења

Макфакс

07/09/2018

17:07

1.395

Големина на фонт

а а а

Двајца членови на Комисијата за заштита од диксриминацијата не се согласуваат со мислењето на мнозинството дека кривичниот суд и судијката Добрила Кацарска се однесувале дискриминаторски кон обвинетата ексминистерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во предметот „Тенк“.

Комисијата, по поднесена претставка од Јанкулоска против кривичниот суд и судијката Добрила Кацарска на 27 август утврди вознемирување кон обвинетата врз основа на пол и политичка припадност, а во областа „социјална сигурност и здравствена заштита, како и правосудство и управа“. Со ваквото мислење не се согласиле членовите на Комисијата Ирфан Дехари и Беким Кадриу. Според нив, во мислењето на мнозинството има големи недостатоци.


„Пред сè, во диспозитивот на мислењето се утврдува вознемирување спрема подносителот на претставката, а во образложението, мнозинството од Комисијата се обидува да констатира ‘нееднаква положба’ на подносителот, што пак не е конститутивен елемент на вознемирувањето. Ако се утврди вознемирување, потребно е да се дадат аргументи за несакано однесување кое има за цел или за последица создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина. Нееднаквиот третман пак, е конститутивен елемент на дискриминацијата, а не на вознемирувањето.Значи, мнозинството од Комисијата не прави разлика и ги меша концептите на дискриминацијата, од една страна и вознемирувањето, од друга“, се наведува во издвоеното мислење на двајцата членови на Комисијата.

Исто така, тие наведуваат дека во образложението во ниту еден момент не се даваат аргументи за постоење на вознемирување по основ на политичка припадност.

На крај, стои во издвоеното мислење, мнозинството од Комисијата ги меша концептите „област на дискриминација” и „дискриминаторска основа” кога тврди дека подносителката на претставката била вознемирена „во областа на пол и политичка припадност”.

„Да појасниме, полот и политичката припадност се основи на дискриминација, а не области. Во продолжение на диспозитивот, вознемирување се утврдува во областа ‘социјална сигурност и здравствена заштита, како и правосудство и управа’. Да појасниме и ова дека во Основниот суд Скопје 1 не се даваат услуги од социјалната сигурност или здравствената заштита за да се тврди постоење на дискриминација во оваа област. Затоа, во конкретниот случај може да станува збор само за областа ‘правосудство и управа’, нешто што беше кажано и на самата седница на Комисијата“, пишува во документот.

Во врска со тоа дали постои вознемирување по основ на пол односно бременост, затоа што во судски предмет каде подносителот на претставката е обвинета, се закажани повеќе рочишта во текот на еден месец, членовите во издвоеното мислење укажуваат:

„Прво, треба да се признае дека судијата која го води предметот, ја издвои постапката спрема обвинетата само поради нејзина бременост. Исто така, после породување, судијата не закажа рочиште во рок од 60 дена после породувањето, за да може обвинетата (тука-подносителот на претставката) да се грижи за своето новороденче и да ги остварува нејзините права како родилка и мајка. Со тоа, мора да се признае понежниот пристап што судот и судијата го имаат спрема обвинетата, како бремена жена, мајка и родилка. Ова не се спомнува никаде во Мислењето на мнозинството, а што оди во спротивен правец од тврдењето дека постои вознемирување. Второ, што е уште позначајно, никаде во нашето законодавство нема одредби кои би го спречиле судот да закажува рочиште само заради бременост на обвинетата. Спротивно, има случаеви кога спрема обвинети кои се бремени се изречени мерки на претпазливост, дури и притвор, што не е случај во овој предмет“.

Според подносителите на издвоеното мислење, закажувањето на рочишта нанапред, не значи по дефиниција вознемирување на обвинетата. Спротивно, велат тие, правото на судење во разумен рок бара судот постапката да ја спроведе без одложување и на лицето против кого се води постапката да му биде судено без неоправдано одложување.

Претседателот на кривичниот суд, Иван Џолев, за „Mакфакс“ изјави дека досега во судот не се стигнати издвоените мислења.



Спонзорирани линкови

Маркетинг