Протекле документи: Клинтон дебело платил за Мило Ѓукановиќ да му го сврти грбот на Милошевиќ, Олбрајт ги штитела Црногорците од бомбите на НАТО

Точка

05/09/2018

19:10

4.491

Големина на фонт

а а а

Администрацијата на американскиот претседател Бил Клинтон пружала значајна политичка и финансиска поддршка за црногорските власти откако претседателот на ДПС, Мило Ѓукановиќ, се дистанцирал од политиката на Слободан Милошевиќ.

Како што пишува подгорички "Vijesti", тоа може да се заклучи од документите кои кон крајот на минатата седмица биле поставени на сајтот на "Претседателската библиотека и музејот Бил Клинтон". Во тие документи, меѓу другото, се наведува дека администрацијата на Клинтон само во 1999. година и помогнала на Црна Гора со 55 милиони долари. 

"САД и помогнале на Црна Гора со 55 милиони долари економска поддршка во фискалната 1999. година. Од тоа, 20 милиони биле техничка и хуманитарна поддршка, а 35 милиони биле платен биланс", рекол на 9. декември таа година Џејмс Добинс, специјален советник на претседателот и државен секретар за Косово и примената на Дејтонскиот договор.

Добинс притоа рекол дека САД ги поддржуваат политичките и економските реформи кои се случуваат во Црна Гора и дека таа би можела да послужи како пример за останатите делови од тогашна Југославија. Пофалби на сметка на Ѓукановиќ Клинтон изнел во говор во 1999. година, кој бил во чест на тогашниот словенечки претседател Милан Кучан.

"Би сакал исто така да му се заблагодарам на претседателот на Црна Гора, Ѓукановиќ, кој вечерва е тука со нас, за се што направи за заштита на демократијата и толеранцијата неопходна за таа да се развие. Со ваша помош, и константна внимателност, можеме еднаш засекогаш да докажеме дека Европа и слобода се синоними", пишува во неговиот говор од 21. јуни 1999. година.

Во документот на американската администрација се наведува, меѓу другото, и дека Ѓукановиќ и црногорската власт се најдоверливи и најефикасни сили за демократијата во Југославија.

"Покажаа храбра посветеност во политичките и економските реформи, и покрај константните напори на Белград да ги поткопа. Црна Гора, исто така, може да има важна улога во зајакнувањето и ширењето на демократијата на останатите делови на поранешна Југославија. Одбирајќи го патот на демократијата и реформите, лидерите на Црна Гора поставиле стандарди кои би требало да ги следат сите југословенски лидери", стои во документот.

Тогашната американска државна секретарка, Медлин Олбрајт, со црногорскиот претседател се состанала кон крајот на 1999. година во Берлин на маргините на состанокот на шефовите на дипломатиите на осумте најразвиени светски земји, G8, а двајцата разговарале и во Рим, што може да се види во достапните податоци за состаноците на американскиот претседател и државната секретарка.

Се наведува и дека пред почетокот на бомбардирањето на НАТО во 1999. година, советникот на Клинтон за национална безбедност, Самуел Бергет, подготвил документ кој се однесува на воените операции на Косово, а во кој за Олбрајт бил наменет делот за Црна Гора.

"Што се може да се направи да се минимализираат политичките последици од воздушните напади во Црна Гора", пишува во документот од март 1999. година, од кој била отстранета ознаката за тајност.

Во документот се споменуваат верзиите од нападот на СРЈ во кој првобитниот пакет воздушни напади бил фокусиран на интегрирани системи на воздушна одбрана на Србија и Црна Гора.

"Нападот на интегрирани системи на воздушната одбрана се вклучува во случај на напад во Црна Гора. Веќе го предупредивме претседателот Ѓуканович дека тоа веројатно ќе се случи", стои во документот од 20. март.

Четири дена подоцна, почнале воздушните напади на Југославија.

Во документите се наведува и дека Белата куќа се обидувала по прашањето за стабилноста на Црна Гора во 2000. година да разговара со тогашниот и сегашен руски претседател Владимир Путин. На прашањето на новинарот дали американскиот претседател ќе ги поддржи напорите на некои европски земји Милошевиќ да се предупреди да ги држи рацете подалеку од Црна Гора и каков е ставот на неговиот руски колега по тоа прашање, тогашниот заменик советник за национална безбедност Џим Стајнберг, рекол дека Белата куќа е загрижена.

"Многу земји од G8, посебно нашите НАТО сојузни и ние самите, сме загрижени поради напорите на Милошевиќ да го дестабилизира регионот, не само Црна Гора, туку и многу пошироко. Затоа очекувам во текот на работната вечера со претседателот Путин да се спомене прашањето за стабилноста на Балканот и дека претседателот ќе ја нагласи важноста да се заложуваме за зачувување на демократската влада под Ѓукановиќ", рекол Стајнберг на конференцијата на 17. јули во 2000. во Белата куќа.

Црна Гора била тема на повеќе телефонски разговори на Клинтон и британскиот премиер Тони Блер и германскиот канцелар Герхард Шредер.

Многу делови од разговорите за Косово и Милошевиќ не се достапни, посебно одговорите на соговорниците на американскиот претседател, а во еден од нив се разговара и за напади на мети во Црна Гора.

"Нашиот народ бара да разгледаме превентивни акции против некои мети во Црна Гора. Знам дека ___ не сака таму да напаѓа, но дури и кажа дека има некои работи кои треба да ги напаѓаме. Да ти дадам некој пример: сметаме дека има неколку објекти во кои влегуваат за да изнесат проектили, и постои еден клучен мост кој мора да го нападнеме, пред да тргнат со премин на воените единици. Поради тоа сме загрижени поради нивните можности да ги користат тие објекти. Нема многу мети и нема многу ризици од цивилна штета", рекол Клинтон.

Во друг разговор тој на Блер му вели како ќе се изврши економски притисок на Милошевиќ, кој нема многу да им наштети на Македонците и Црногорците, а меѓу опциите се и борбата против перењето на нивните пари на Кипар и притисок на нивните сметки во Лондон: Не сакам на Црногорците да им создадам било какви проблеми - му рекол Клинтон на Блер во април 1999. година, наведува "Vijesti".




Спонзорирани линкови

Маркетинг