По 31 година заедно во Милан, Силвио Берлускони и Адријано Галијани се на прагот да направат нова фудбалска авантура.
Откако „Скај Спорт“ најави дека поранешниот италијански премиер и медиумски магнат ја разгледува можноста да се врати на фудбалот, медиумите на Берлускони се вклучија во приказната со свои верзии на настаните.
Адријано Галијани бил потпретседател на Монца во периодот 1984 – 1986, пред да му се приклучи на Милан. Актуелен претседател на клубот е Никола Коломбо, кој е син на Феличе Коломбо, кој пак бил претседател на Милан во периодот 1977-1980 година. Тој ја спасил Монца од банкрот во 2015 година и ја одржува екипата во Серија Ц, односно третата италијанска лига.
Според сторијата на „Спортмедијасет“, Коломбо би сакал да остане малцински акционер и да го препушти мнозинскиот пакет акции на Берлускони и Галијани. Извори блиски на Берлускони појасниле дека за ваквата идеја се уште нема ништо дефинитивно или потпишано, и дека само постои желба да се направи нешто за заедницата со која го дели местото на живеење.
Берлускони ја живее својата 81 година, додека Галијани е седум години помлад од него. Според „Газета дело спорт“, бизнисменот ќе биде мнозински акционер во овој проект и почесен претседател, додека Галијани ќе ја има улогата на менаџер.
Официјалните бои на Монца се црвената и белата.