Игор Митровиќ: Дојдете на островот со мирис на цимет да пливаме со делфини

Точка

03/09/2018

15:39

6.223

Големина на фонт

а а а

Што значи да си турист во Занзибар? За децата во Занзибар бонбоните се како дијаманти. Просечната плата е 100 до 200 долари, но пак ќе ве дочекаат со насмевка на островот со мирис на цимет, ванила и какао. А кога ќе имате можност и да пливате со делфини, нема да сакате да се вратите назад.

Ниту на Игор Митровиќ, нашиот естраден уметник не му се враќа. Веќе втора година тој живее и работи како графички дизајнер, она што е негова професија. За ова место вели дека е создадено за вљубување.


[Занзибар - едно од најромантичните места во светот]

Што треба да имаме на ум доколку се подготвуваме за посета на Занзибар? 

И.М.: Ах, Занзибар.. мојата љубов :) Штом го имате одбрано Занзибар како дестинација за посета, тогаш веројатно знаете дека тоа е рајот на земјата :) Со себе не ви треба да носите многу работи освен камера, евентуално GoPro за да ги “меморирате” оние неверојатни природни магични убавини и добро друштво. Има журки, да, но повеќе овој остров се стреми кон романтични моменти, да бидеш уште повеќе заљубен во партнерот/партнерката. Препорачувам да се оди со љубениот/љубената и доколку сакате прав одмор, таму ќе го добиете.   


[ Поглед од собата кај што бил сместен Игор]

Позитивните и негативните страни? 

И.М.: Има само една негативна страна, што има многу комарци, ама од неодамна, маларичните повеќе ги нема, па нека јадат колку сакаат сега :) Не ми текнува друга лоша страна. Пречекот во резортот, гостопримството, услугата, плажите, природата, испраќањето, турите кои што се во изобилие…. Е да, и пазете да не згазите на морски еж во океанот :) Ете уште една негативна страна (се смее).  

Со што си се соочил од подводен свет? 

И.М.: Пливав со делфини и тоа беше сосема неочекувано. Отидовме на тура за “scubadiving” за да нуркаме, ама кога се појавија делфините, сите туристи што бевме на бродот, рипнавме во океанот и пливавме со делфините. Го учевме и знаковниот јазик за под вода, за да комуницираме меѓусебно. Имаше безброј различни риби, пливав помеѓу нив и ги хранев.  


[Нуркање во водите на Индискиот океан] 

Какво е искуството со мештаните? 

И.М.: Моето искуство како турист кажува дека се многу топол, гостопримлив, ведар и расположен народ кој што знае како најдобро да се забавува. Искрено, не сум имал многу приватен контакт со мештаните, освен со оние кои што работеле во резортите каде што сум престојувал, но се сепак скоро исти како и народот во Дар ес Салам. Први се за забава, сакаат нови познанства цело време, дружељубиви па дури и премногу, ведри, насмеани, расположени... И секаде мештаните во Танзанија се делат на неколку племиња и сите племиња си имаат свој јазик, свои традиции и обичаи.   


[ Гостопримлив народ, но шетање навечер не е препорачливо]

Какви сместувачки капацитети нуди и по кои цени? 

И.М.: Буквално имате онакви соби за изнајмување што би ги нарекле “шупи”, само еден кревет и маса до него, па се до резорти и хотели, да боли глава и да се изгубите во нив. Секој може да си најде место и да се прилагоди врз основа на буџетот кој го има. Но, кога веќе се оди на посета во Занзибар, важно ви е местото (резортот) каде што одите, да, меѓутоа не и пресудно. Самите плажи и природните убавини се волшебни што нема ништо, ама баш ништо да ви пречи. Сум престојувал и во ултра елитни и во нормални резорти и ви кажувам од лично искуство. Во однос на цените, можеби е малку, за нијанса поскапо од нашите одмори и тури во соседна Грција.  

Незаборавна случка? 

И.М.: Уффф.. Навистина се многу, ама ајде ќе ги издвојам пливањето со делфини, на кое што кога ќе се присетам сеуште му се радувам ко дете мало, па дека скроз профи со униформа, очила и пераи и неколку пати што ќе се удавев ама нема врска (се смее). И мојата прва посета на црнечко мало селце во внатрешноста на Занзибар, кога им делев бонбони на децата, се радуваа како да им делев на сите по еден дијамант. Оваа случка малку ме пецна од внатре, ме растажи, ти го отвара мозокот да размислуваш во една друга димензија, а пак од друга страна дечињата направија да се осеќам дека сум ги направил најбогати на цел свет. Од се учиш. Секој ден нова лекција. 



[Другата страна на ова рајско место]  

Колку е безбеден островот? 

И.М.: Сепак треба да сме свесни дека нели, сме во една земја каде егзистира во голема мера сиромаштијата и секако дека безбедноста автоматски се сведува на едно незадоволително ниво. Не е препорачливо никако навечер туристи сами да се шетаат во одредени делови, како што би можеле на пример во Охрид или Грција кога одиме сами во ниедно време да се шетаме и да одиме каде ќе ни текне. Тука правилата се малку поинакви и е поопасно со самото тоа што си бел. Освен ограбен, нема да ти наштетат на друг начин. Но, доколку збориме за резортите и хотелите кои што нудат навистина одлично обезбедување од секој поглед, и таму нема за што да се грижите кога станува збор за безбедност. Професионални, топли, љубезни, се нај. Јас првите два пати кога бев во Занзибар, немав потреба да излезам од резортот и да шетам надвор од него, бидејќи беше преголем и за цели 4 дена не успеав да го прошетам цел и да видам што се има во него. Центарот на Занзибар исто така е безбеден за прошетка. Мене лично, центарот на Занзибар ми ја има магијата и шмекот на наш Охрид. Калдрма, хотели и ресторани од страна, тесни улици, продавници... прекрасно! 


Општествено уредување?

И.М.: Занзибар порано била британска колонија и сеуште ги имаат задржано нивните “правила” како на пр. возење автомобил во обратна насока од нашата и воланот е на десната страна. Порано Танзанија била Тангањика, бидејќи Занзибар не бил дел од неа, меѓутоа во 1964 година се соединуваат Тангањика (копното на Танзанија) и островот Знаизбар како една држава наречена Танзанија. Денеска менталитетот, размислувањето, постапките на Танзанците и на Занзибарците им се речиси скроз исти.  


Од што егзистираат луѓето таму и колку е просечна плата? 

И.М.: Јас како главна стопанска гранка на Занзибар знаев дека е туризмот, што и е, но сега скоро дознав дека и производствотото на зачини е исто толку главна гранка како и туризмот. Како еден најпознат зачин кој го произведуваат е циметот. Е, во однос на платите нивни, навистина е жално, меѓутоа тоа им е стандардот. Варира секако, зависи и за која позиција станува збор, меѓутоа се движи од $100 до $200 месечна плата преку сила. 

Омилен специјалитет?

И.М.: Омилено традиционално јадење во Занзибар ми е угали. Подналикува на нашето македонско бакрдан, меѓутоа се спрема на многу друг начин, ставаат други нивни зачини. 


[Угали - омилениот специјалитет на Игор] 

(А.В.)



Спонзорирани линкови

Маркетинг