Петар Георгиевски - Камиказа ве носи на две тркала во Словачка, Норвешка и Кападокија

Точка

02/09/2018

23:48

7.919

Големина на фонт

а а а

„На оној свет нема ништо да земете со себе, освен вашите спомени и работи што сте ги виделе и доживеале. На тој пат сигурно ме чекаат уште многу предизвици“ - вели Петар Георгиевски - Камиказа од Меморија, за Чекинг и Точка, споделувајќи ги со вас неговите моторџиски искуства.

Словачка, Норвешка и Кападокија се дестинаците на кои ве носи Перо Камиказа на две тркала, вие само ставете ги кацигите и подгответе се за адреналин и незаборавни моменти.

Што подразбира подготовката за патување со мотоцикл на далечна дестинација?

П.Г.: Планирање на рута, сместување и се разбира издржлив задник, јуначко срце и желба за авантура, а богами авантури има колку сакаш. Ние како мото-клуб Букефал ЖР имаме агенда да возиме по 1000 км дневно, па кој сака нека повели! (се смее)

Словачка - земја со најмногу замоци по глава на жител, најмногу извори на минерална вода, пештери... што ви остана Вам во сеќавање? 

П.Г.: Словачка има извонредни патишта за возење, добра храна, а менталитетот на луѓето е сличен на нашиот и се одлични домаќини.  


Сосема случајно разбравме дека не се сакале со Унгарците од ред причини, но за тоа во некое друго интервју. Бевме во најдлабоката пештера и навистина е импозантна и по големината и по температурата внатре која изнесува околу 3 степени во ден кога надвор е 35.

На Карпатите кои се протегаат низ Словачка има одлични скијачки центри, а ние за среќа имавме сместување во пазувите на планините и за 10 евра ноќевање поминавме извонредни неколку ноќи. Суштината на нашите патувања е учество на ФИМ релито кое се одржуваше во Липтов, Словачка во 2016.


[Словачка - Парада на нации]

Норвешка важи за земја на природни чуда, кај што луѓето се најсреќни, безбедни, со просечна плата од 4.500 евра. Скап ли е животот таму, што треба да имаат предвид оние би сакале да ја посетат? Што нуди најсеверниот дел од Норвешка каде што бевте вие? 

П.Г.: Најсеверниот копнен дел на Европа се наоѓа во Норвешка, а местото се вика Нордкап.  

Tоа е една од најпосакуваните моторџиски дестинации, која ние ете лани можевме да си ја дозволиме во целост и тоа по неверојатно сончево време, што е реткост за Скандинавија, а особено за Нордкап. Јадевме исклучително убави свежи краби кои на сончевиот ден, после повеќе од 5000 км делуваа како вистинско кулинарско богатство.

За оние кои во иднина сакаат да го посетат, која мене ме шокираше и поука за навек (се смее): По убавиот ручек отидовме да се сместиме во бунгаловите, а таму што да видиш – нема чаршави на душеците. Се вративме кај рецепционерката видно вознемирени, а она на лош англиски одговара: чаршави и пешкири за уште десет евра доплата! Си плативме „ко попче“ и за 80 евра имав да бирам мирис на смрдливи планинари, моторџии и други што поминале оттука пред мене или да ме јадат комарци големи колку прст! Јас си го избрав првото и некако се навикнав! (се смее)

Неверојатно доживување кое би му го посакал на секој мото-авантурист. И уште нешто, имавме неколку блиски средби со копитарите мусови кои слободно шетаат на патот и за малку д-р Ален Јовчевски ќе се најдеше ептен во директен контакт со еден од нив. За среќа ги избегна за неколку сантиметри, но Гопро камерата на која беа сите снимки отиде во длабочините на норвешките тундри заедно со копитарот. Потоа следеше учество на ФИМ релито во Шведска во градот Сунсвалд од каде ја добивме тревогата за пораѓање на сопругата на д-р Ален и за два дена извозевме назад неверојатни 2800 км. И ете бебето не се роди кога ние дојдовме, туку кога тоа сакаше – една недела подоцна. Овие денови ѝ славиме роденден на малата.


[Нордкап]

Кападокија - спој на природата и историјата. Од мотоцикл во балон? 

П.Г.: Тоа треба да се види по секоја цена! Само да се заобиколи патот за Истанбул. Навистина импозантен број на цркви од 11-14 век во катакомбите и пештерите на Кападокија. Нашиот хотел беше исто така вкопан во земјата, а сопственикот беше еден љубезен Турчин кој слушаше француски опери. Потоа низ разговор разбравме дека жена му е Французинка. Стана дел од нас во деновите додека бевме таму, како и сите Турци. Многу чудно, но вистинито, сите во Кападокија разбираат македонски јазик и се на некаков начин поврзани со нашата татковина. Чувството со летањето во балон е навистина неповторливо. На ова мото-патешествие со нас ги имавме и нашите поубави половини кои нè натераа да го смениме нашиот „дивјачки“ начин на вози-спиј-јади-вози живот и овој пат научивме дека отсега ќе треба повеќе да уживаме на дестинациите каде одиме. Невести, благодарни сме ви за тоа! 


[ МОТОКЛУБ БУКЕФАЛ ЖР заедно со понежниот пол кон Турција]

Каде би живееле од споменативе дестинации? 

П.Г.: Во Македонија! Тоа е мојот избор. Еден и единствен. Се другото е собирање искуство и размена на мислења. 

Кои од овие народи се најслични до нашиот менталитет, до нашиот народ? 

П.Г.: Словаците, дефинитивно. 

Патувањата нè прават побогати, што научивте вие од секое од нив? 

П.Г.: Дека на оној свет нема ништо да земете со себе, освен вашите спомени и работи што сте ги виделе и доживеале. На тој пат сигурно ме чекаат уште многу предизвици. Македонија вечна! 



Спонзорирани линкови

Маркетинг