Кинески Xiaomi го претстави првиот телефон од новата Pocophone серија – Pocophone F1. За телефонот, од оваа компанија тврдат дека е “one of a kind” наменет за сите корисници кои што сакаат врвни перформанси по „нормална“ цена.
Pocophone F1 „под хаубата“ има Qualcomm Snapdragon 845 процесор со брзина од 2.8 GHz, односно го поседува моментално најмоќниот процесор на пазарот. Што се однесува до графичкиот дел, за тоа е задолжен новиот Adreno 630, исто така на Qualcomm.
Новиот телефон на Xiaomi може да се пофали со 4.000 mAh капацитет на батерија со можност за брзо полнење (Qualcomm Quick Charge 3.0) и Liquid Cool технологија која што го штити од прегревање.
На предната страна го краси одличниот 6,18-инчен LCD екран со резолуција од 2246х1080, обложен со Corning Gorilla екран за поголема издржливост при евентуални падови.
Pocophone F1 е опремен со три камери – две на задната страна и една предна „селфи“ камера. Предната камера има 20 мегапиксели и инфрацрвена технологија која што овозможува отклучување со лице дури и во услови на слаба осветленост. На задната страна се сместени две камери, едната од 12 и другата од 5 мегапиксели, а за подобра фотографија се грижи и вештачката интелигенција.
Овој пионир од новата Pocophone серија на Xiaomi доаѓа во четири различни бои – Graphite Black, Steel Blue, Rosso Red и Armored Edition, а ќе биде достапен во верзии од 6 или 8 GB RAM меморија и 64, 128 и 256 GB интерна меморија. Цената на телефонот ќе се движи околу 24 илјади денари.