Претседателот на Бразил, Мишел Темер објави дека ќе ја ангажира војската со цел да воспостави ред во сојузната држава Рораима која што е погодена од голема криза поради приливот на мигранти од Венецуела.
Рораима, сојузна држава на самата граница со Венецуела, според најновите податоци на сојузните власти, станала држава со најголема стапка на убиства – 27,7 на 100 илјади жители во периодот од јануари до јуни оваа година.
Оваа сиромашна сојузна држава во претходните три години, како и другите федерални единици, беше во центарот на интензивните вооружени пресметки на бандите кои што се бореа за контрола на територијата и влијание.
Истовремено, Рораима стана главна точка во Бразил каде што пристигнуваат мигрантите од Венецуела кои што бегаат од политичката и економската криза во својата земја.
Сето тоа го зголеми притисокот врз инситутциите во Рораима и придонесе за граѓаните на оваа сојузна држава да се чувствуваат небезбедно.
Бразил долги години е на првото место во светот по бројот на убиства по глава на жител, а во првите шест месеци од оваа година биле регистрирани дури 26,100 убиства. Сепак, тоа би можело да значи и дека бројот на убиства во оваа јужноамериканска држава би можел да биде намален, посебно после крвавата 2017-та година.