Наташа Мијата Крстевска: Добредојдовте во „Градот на крв и коски“

Точка

27/08/2018

18:56

7.000

Големина на фонт

а а а

Како што најчесто започнуваат патувањата од аеродром, така го започнуваме и ова патување. Еден од контролорите на скопскиот аеродром Наташа Мијата Крстевска, овојпат во улога на ваш водич низ прекрасниот Санкт Петербург.

И покрај обврските околу подготовка за кабаре концертот „Јаболки и круши за уметнички души“ на плоштадот во Берово, таа најде време да ни ја доближи убавината на овој руски град. И покрај тоа беше во дилема дали овој Cheking да биде во Сицилија, Куба или Тенерифе, сепак се одлучи за градот- уметност, градот-историја. 

При симнување од авион во друга држава на некои им смета разликата во температурите, воздухот, мирисот... Кој е првиот впечаток кога стапна на тло на Санкт Петербург? 


[На аеродромот Пулково, Санкт Петербург]

Мијата: Кога се симнав од авион, иако температурите беа минусни, топлина околу срцето осетив наеднаш кога ги видов сите натписи и знаци на кирилично писмо. Иако Санкт Петекрбург е 2800 километри од Скопје, чувството дека всушност не сум далеку од дома ме совладуваше уште на аеродром. Погледнував околу себе и сите како да ми беа сестри и браќа во лицата: со бел тен и светли шарени очи. 

Ноември во Петербург е со најмалку десет степени под нулата, но еуфоријата што ја имав дека за прв пат стапнувам во земјата која беше инспирација на татко ми да ми го даде името Наташа беше посилна од студот.

Што е она што те воодушеви, а што е она што ти сметаше? 

Мијата: Во тие неколку дена колку што имав можност да се нурнам во животот на жителите на Санкт Петербург најмногу почувствував мака, не со студот, туку со недостигот на дневна светлина. Се разденуваше во 9 наутро, а веќе во 15:30 часот беше темно. Но, тоа е во ноември кога бев јас, секако дека во јуни не е таква ситуацијата.  

А кога ќе се стемнеше - градот вистински светнуваше...Тоа е град на светлината! - ништо помалку светол од Париз. Го нарекуваат Северна Венеција, но мислам дека повеќе Париз може да му конкурира со големина и со убавина. Импозантноста на градбите и големината на булеварите го стави овој град во многу величествен фолдер во мојата душа.

Што не смееме да пропуштиме да видиме таму доколку патуваме? 

Мијата: Во 1703 година Петар Велики нарачал да отпочне градбата на новата руска престолнина на Балтичко море и за таа цел ги повикал најдобрите италијански архитекти на тоа време. Реката Нева добила своја вистинска архитектонска чипка која е изградена идентично според првите нацрти. Велат дека Санкт Петербург е град на крв и коски заради големиот број жртви градежни работници што секоја генерација ја дала за да се изгради ова ремек дело. Но, претците можат да се спокојни зашто овој град ќе воодушевува уште милијарди души во иднината.  


[Кејот на реката Нева]

Шетајќи низ центарот на градот на Пушкин, постојано ми се вртеше во глава стихот на Владо Јаневски „...цркви со златни кровови...“ зашто е вистина - сите цркви се со бескрајно сјајни куполи од чисто злато и како сонца го осветлуваат дополнително градот.

Една од тие е катедралата на Св. Исак која е најголема православна руска базилика а четврта катедрала по големина во светот. Од сите цркви што ги видов апсолутно омилена ми е најубавата и најшарената - Црквата на пролеана крв, изградена врз местото каде императорот Александар II бил убиен во 1881. Внатре во Црквата сите фрески се направени од мозаик нареден до совршенство, а однадвор шаренилото и е надриреално.


[Катедрала Св. Исак]


[Црквата на пролеаната крв]

Но тоа вистински што не смее да се пропушти е ЕРМИТАЖ! Сите културни богатства од светот што не се во Париз, Лондон, Берлин и Њујорк се тука во музејот наречен Ермитаж во Санкт Петербург. Токму во Зимската Палата на Ермитаж е почетокот на големата Октомвриска Револуција и јас бев благословена да се најдам на тоа историско место на стогодишницата од настанот.


[Пред Зимската палата на Ермитаж]


[Портрет на Екатерина Велика во Ермитаж]


[100 години Октомвриска револуција-постановка во Ермитаж]

Во кој дел од годината е најдобро да се посети? 

Мијата: -Од туристичките агенции секогаш се организираат тури за овој град во касна пролет или рано лето. Претпоставувам дека е тогаш најподобно и ради температурите а и ради должината на денот. Поради реката Нева се чувствува зголемена влага во воздухот, а самиот град има 342 моста. Се изнагледав и ексклузивни автомобили што само во часописи сум ги видела, а мештаните ги доживеав генерално кротки, послаби на англиски јазик, и многу етнички чисти...сите личеа едни на други, прекрасни и згодни. Многу убави! 

Што треба да се има во предвид, а туристичките агенции можеби нема да ни го кажат? 

Мијата: -Туристичките агенции може нема да ни кажат но храната руска не е на некое завидно ниво. Дури најдобрите ресторани и во Санкт Петербург се грузиски. Но специјалитет што вечно ќе го паметам од таму е бело варено вино сервирано во посебна инсталација која го вари на лице место пред гостинот и тоа со лимон, портокал и стапче цимет. Уште ми е вкусот во устата. 


[Инсталацијата со варено вино]

Незаборавни моменти од ова патување? 

Мијата: - Толку работи видов за толку кратко време, дури и стадион на Зенит, најдлабокото метро, најстарата хомеопатска аптека и уште други моменти кои ќе ме потсеќаат на овој град кој скромно маркетиншки чека да ги импресионира своите посетители. 


[Метро станицата со мозаик ѕидот „Нептун“]



Спонзорирани линкови

Маркетинг