Анета Андонова: Каменот на Светиот гроб го сонував со месеци

Точка

25/08/2018

11:45

7.390

Големина на фонт

а а а

„Родно место на Исус и колевка на три големи монотеистички религии. Израел е првобитниот извор на Библијата. Овие аргументи се доволни да се упатите кон Израел“- вели Анета Андонова, актуелен одговорен уредник на Првиот програмски сервис за Cheking.

Ако подобро ја познавате ќе знаете дека е и голем верник, па не случајно патот ја води во библиската земја. 


[Витлеем, Палестина (родното место на Исус Христос)]

Израел е земјата кoја е чекор пред сите во технолошкиот развој. Народ кој освен памет немале ништо, а направиле многу. Но, што е она што тебе ти беше предизвик да ја посетиш? 

А.А.: Во своето 70- годишно постоење, што во принцип е пократко од еден просечен животен век, Израел како држава постигнала неверојатен успех. Модерна економија, модерна технологија, стапка на невработенсот од 4%, развој на индустриски гранки...и така натаму. Тоа ја потврдува тезата: Ако немаш природни ресурси, имај ум.

Сепак, мојот мотив да ја посетам оваа земја не беше технологијата, туку историјата. Израел е остварување на еден сон, ветен од Господа на Аврам и неговите следбеници. Израел е наследство. Родно место на Исус и колевка на три големи монотеистички религии. Израел е првобитниот извор на Библијата. Овие аргументи се, доволни да се упатите кон Израел.


[Ѕидот на плачот во Ерусалим. Евреите веруваат ако се помолат и остават ливче со желби, истите ќе им се исполнат]

Како е чувството да се биде опкружен со трите би рекла најубави мориња? 

A.A.:Геостратегиската положба на Израел ја мултиплицира неговата вредност. Тоа е држава на 4 мориња. Прекрасни плажи на Средоземното Море во Нетања, Хаифа, Тел Авив се рај за туристите. На страната на Египет, земјата е измиена од Црвеното Море. Лековитите својства на соленото Мртво Море, ако се изземат библиските атракции, се вториот аспект по важност и се разнира Галилејското море или езеро од каде што извира реката Јордан. Израел има и кањони, пустини, природни резервати, кои се заштитени од човечката рака.

Ти си од оние кои освен плажирање бараат и духовно богатење од одморот. Со што оплеменува Израл?

А.А.: Да се посети Светата земја значи да се доживее нешто што останува трајно,, нешто недоживеано, и библиски свето Таму се чувствува духот на историјата; таму човек се запознава со библиските преданија, со сѐ она што е поврзано со трите вери на човекот: јудејската, христијанската и муслиманска. Таа е земјата каде се обедини еврејските племиња - Израелците и Јудејците во едно царство на чело со водачот на Јудејците, царот Давид. Израел е светост, Израел е енергија.


[Црквата на Светото рожденство во Витлеем]


[По Патот на тагата, десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота, се наоѓа Петта станица. На самиот влез, постои камен кој што е издлабен од ударите на Крстот или од Исусовата дланка, кога Тој, исцрпен се потпрел на ѕидот. Тука Симон од Киринеја му помага на Исус да го носи Крстот]

Народот е познат по чувството на заедништво. Каков е спрема туристите?

А.А.: Израел е земја атрктивна за верниците, за археолозите но, и за „зависниците "од патувања. Сето тоа народот во Израел добро го знае и прави сѐ да остави добар впечаток, но и да го извлече секој долар. Во Израел се чувтсвувате пред сѐ безбедно ( иако е регион со постојани конфликти), но и удобно.

Јас лично се вљубив во Тел Авив. Преку вечерните прошетки сфатив дека луѓето таму се лабави, отворени, расположени...секој си ја брка својата работа. Израелската култура е разновидна, богата, благодарение на фактот што Евреите ширум светот, доаѓајќи во Израел донеле по нешто од своите навики, обичаи, традциии.

Што не смее да се пропушти во Израел од твој агол?

А.А.: За Израел важи правилото- колку можеш повеќе „да украдеш " од она што ти се нуди- толку подобро. Не можам да препорачам нешто посебно од Израел – затоа што таму сѐ има своја вредност. Зависи од мотивот кој те однел во светата земја. Но, ќе го апострофирам она што мене ме маѓепса. Црквата на Светиот гроб во Ерусалим. Минувајќи го патот Виа Долороса ( Патот на тагата), кој води до најсветото место на Земјината топка, ме облеваше несекојдневна возбуда. Средбата со каменот на Светиот гроб беше слика која месеци подоцна ми се јавуваше навечер, кога ќе ги склопев очите.


[Црква на Светиот гроб-најсветото место во Израел]


[Внатрешноста на црквата на Светиот гроб]

Кога е најдобро да се посети ова Свето место?

А.А.: Патувањата се единствена работа за која трошите пари, а станувате побогати. Мојот совет е секоја денар да се инвестира во патувања. Израел е убав секогаш, ако ви пречат горештините, тогаш избегнувајте го летото.

Ако, пак не трпите гужва, тогаш избегнувајте ги празниците, затоа што тогаш се слева народ од цел свет.


[Масада,тврдината изградена од Царот Ирод.Еден од најважните симболи на евреите]


[Плочата на која учениците на Исус го положиле неговото тело]



Спонзорирани линкови

Маркетинг