Станува збор за апликација која што корисниците во најголем дел ја користеле пред 2012-та година, но до неодамна имала пристап до податоците на корисниците.
Од Фејсбук објавија дека е укинат пристапот на апликацијата myPersonality затоа што било јасно дека апликацијата „споделува информации за корисниците со истражувачи и компании“. Со оглед на тоа што авторите на апликацијата го одбиле барањето на Фејсбук за ревизија на пристапот, од социјалната мрежа одлучиле да ја блокираат апликацијата.
„Како последица на тоа, ќе известимее околу 4 милиони корисници на Фејсбук кои што избрале да ги споделат податоците со myPersonality, а кои што можеби биле злоупотребувани“, соопштија од Фејсбук и додадоа дека засега немаат докази дека апликацијата ги злоупотребувала личните податоци на корисниците.
Интересно е тоа што од myPersonality во мај оваа година објавиле дека „одлучиле да престанат да ги споделуваат податоците со истражувачите“. Исто така, од таму нагласија дека немаат никаква врска со Cambridge Analytica и никогаш не им дале пристап до корисниците преку myPersonality апликацијата.
Да потсетиме, откако неодамна изби скандалот со Cambridge Analytica, во јавноста беше откриено дека податоците на милиони корисници на Фејсбук биле користени во политички и маркетиншки цели, по што од Фејсбук започнаа процес на една голема ревизија на апликациите на социјалната мрежа.
Од најголемата социјална мрежа на светот тврдат дека досега ревидирале илјадници апликации, а забраниле повеќе од 400 поради начинот на кој што ги обработувале податоците на корисниците на Фејсбук.