ГДУ: Мицкоски е несериозен и непринципиелен околу ставот за референдумот

Макфакс

07/08/2018

18:16

1.349

Големина на фонт

а а а

Граѓанско демократската унија преку соопштение испратено до јавноста запраша каква игра игра лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во однос на партискиот став околу референдумот за името.

ГДУ оценува дека со чекање до септември за да соопшти дали ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе на референдумот или ќе бојкотира, Мицкоски демонстрира непринципиелно и крајно несериозно однесување.

„На 22 јуни лидерот на ДПМНЕ излезе и рече дека ако реферндумот биде незадолжителен , партијата нема да го признае како волја на народот. На 6 јули истиот Мицкоски рече дека ќе го чека прашањето, па ќе одлучи дали ќе излезе ДПМНЕ на референдум. Потоа бевме сведоци на политичкиот пазар во Клубот на пратеници,со условување на реферндумскиот процес за остварување на партиските интереси. По пазарот и собранискиот циркуз, ДПМНЕ рече дека за нив е неприфатливо прашањето оти било повеќеслојно, па потоа да излезат и да кажат дека партијата нема да биде алиби за капитулантски договор. Сега нецели два месеци подоцна, кога веќе се познати деталите, Мицкоски сè уште не знае што ќе прават, дали ќе излезат на референдум или ќе бојкотираат. Ќе чека до 10 септември, за да и го соопшти ставот на јавноста. Непринципиелно и крајно несериозно однесување“, смета ГДУ.

Партијата вели дека јавноста со право се прашува какви калкулации се прават и зошто се тактизира.

„Проевропската и прозападна партија ВМРО- ДПМНЕ како што се декларира, треба да и одговори на јавноста дали постои друг пат за ЕУ и НАТО, и ако овој договор е капитулантски, кој е нивниот модел за подобар договор?

Време за губење нема. Политичарите, особено лидерите на најголемите парламентарни партии се должни да го кажат јасно и гласно партискиот став, одлуката сепак ја носат граѓаните, дали ќе застанат позади лидерот или ќе постапат според сопственото убедување. Затоа апелираме да запрат тактизирањата и манипулациите.

До граѓаните сакаме да испратиме порака дека референдумот и визијата за иднината на земјата не треба да се врзува со поддршка за една или за другата партија. Ова е можност за надпартиска одлука“, се вели во соопштението на ГДУ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг