Ретроспектива за подемите и падовите на клупската сцена во Македонија

Точка

20/07/2018

16:14

4.393

Големина на фонт

а а а

Кога ќе помислите на сцена, клубови и ноќен живот во Македонија, првото нешто кое нè асоцира на добра забава е селектираната музика која ги збогатува настаните, ги прави сè подобри и нестрпливо нè подготвува за наредните.

Музиката е одговорна за поттикнување спомени, среќа, возбуда, ритам. Музичката индустрија и ноќниот живот во Македонија доживееја свои подеми и падови, но несомнено остануваат „виновни” за спојувањето на адреналинот и убавите емоции додека се наоѓаме на подиум, во кој било град, во кој било клуб или на отворено. Овие емоции се исти, се чувствуваат од двете страни – посетители и музичари.

Ако погледнеме назад, низ призмата на клупската сцена во Македонија, ќе воочиме дека не секоја промена која е направена досега, води кон пад на интересот за ноќните забави туку напротив создаде нов бран на возбуда, различни музички правци и разновидна, љубопитна публика подготвена да го истражи непознатото. Па каде да започнеме со ретроспективата и крајното доживување денес? Нашата клупска сцена веќе некое време нè запознава со музички правци како електронската, прогресивната, минимал, инди, со примеси на трајбл звуци... Ние сме сведоци на она што се чини дека е, постојана состојба на новитети во врска со тоа како музичката сцена се обликува. Сведоци сме на нови имиња, гостувања на светски афирмирани ДЏ-и, технологија која знае да го промени изгледот на клубот, уметници и перформанси под отворено небо кои претходно не сме ни замислиле дека ќе ни приредат такво чувство. Значи, клупската сцена се претвори во една од највозбудливите поради креативноста, разноликоста, „свежиот” звук, револуционерноста и желбата за успех.  


Името кое ни ја „всади и храни” љубовта кон електронската музика е Огнен Узуновски, познат како Оги, Узун или лицето на Излет кафе и Сектор 909. Заедно со неговите соработници и љубители на електронскиот звук, Оги веќе 18 години е заслужен за урбаното темпо на нашиот ноќен живот. Накратко, во 1999 година заедно со Самоил Радински, Иван Тодоровски и Смилен Димитров ја формираат музичката продуцентска куќа Balance, во 2008 година станува дел од Сектор 909, во 2009 го отвора Излет, a во 2014 година заедно со познатиот македонски диригент, Џијан Емин ја формираат Izlet Music Production. Од самите почетоци на Сектор, кој неофицијално важи за најдобриот и најпосетениот клуб во Македонија, бројни имиња, светски познати и славни ДЏ-и и перформери, гостувале и ќе гостуваат во секоја следна сезона. Од Грузија, Италија, Франција, Јапонија, Соединетите Американски Држави, „плочите кои живот значат” се слушаа до раните утрински часови и Скопје доби своја алтернативна сцена за која може надалеку да се зборува. Но, оваа алтернативна сцена не почнува и завршува во Скопје... Пред 18 години, на 15 јули 2000-та година, во Охрид се случува целосно освежување на плажата Градиште и Derrick May го започнува патувањето на Balance кој успешно, годинава стана полнолетен и сè уште е во полн ек.


Сектор 909 има своја приказна, но Огнен продолжува да го остварува сонот на сè побројните љубители на електронската музика со Izlet Music Production кој од 2014-та година работи самостојно, а пред две години премиерно го претстави проектот со Juan Atkins и Белградски Симфониски оркестар, фестивалот „Dev9t” во Белград.


Со отворање на Izlet Music Production заедно со Џијан Емин, најпознатиот македонски диригент, започна соработката која резултираше во навидум чуден спој на класична музика со електронски звуци, но сепак уште од прв момент на слушање – неверојатно искуство. Џијан Емин е име и презиме кое се запаметува на прва. Како диригент, застана зад пултот со Македонска Филхармонија во повеќе значајни проекти, привлекувајќи го силно вниманието на јавноста – „Скопје за Боуви”, „Пинк Флојд” во Градскиот парк, музичко-сценскиот спектакл „Музика Универзалис”, минатогодишниот концерт „Париз, те сакам” и многу други. Еден проект особено се истакна како уникатен и ѝ понуди на македонската публика досега невидено искуство - мултимедијалниот проект Neuland Sensorium. Овој настан беше кулминација на мултисензорната платформа Neuland која започна минатата година и која ги помести границите на добрата забава во градот нудејќи досега невидени интерпретации на звукот, вкусот и визуелните уметности. Neuland Sensorium се одржа во Мала Станица минатиот ноември и се издвои како еден од најиновативните звучни проекти и настан на годината. Посетителите имаа можност да го вкусат звукот низ слушалките, да се движат низ лавиринт од форми, визуелни ефекти, шарени коктели и многу расположени лица. Најголемата заслуга за музичкиот перформанс е препишана токму на Џијан Емин, кој со своите вештини создаде вистинско уметничко дело. Neuland годинава ја продолжува и продлабочува соработката и со клубот Сектор 909 каде што како пријатели на годинешната програма ветуваат сезона и ноќен живот за кои ќе се зборува. Бидејќи оваа мултисензорната платформа е посветена да создава необични музички искуства , како дел од соработката со Сектор 909, оваа година истата е и поддржувач на уште еден спектакл кој ќе се одржи во Античкиот театар во Охрид на 2 август, односно концертот на Juan Atkins & Џијан Емин со Македонската Филхармонија. Ова е настан кој ветува многу, а истиот продолжува до раните утрински часови на плажата Парк со неверојатниот сет на пионерот на електронската музика Jeff Mills.


„The Originator e инспириран од желбата за создавање на уникатно музичко-сценско дело, во кое главни протагонисти ќе бидат Juan Atkins и Македонската Филхармонија, под уметничко раководство на виртуозот Џијан Емин, преточени во неповторливо доживување, под отворено небо. Juan Atkins е музичар кому му се припишува заслугата за креатор на техно музиката, позната како Detroit Techno откако Atkins и техно ко-креаторите Derrick May и Kevin Saunderson го формирале познатото трио, The Belleville Three. The Originator кој започнува во 22:00 часот, ќе ја претстави светски реномираната музика на Juan Atkins, а ќе биде проследена со звуците на Македонската Филхармонија, разни аудио-визуелни ефекти, нудејќи футуристичко, мултисензорно доживување. Листата на пионери во музичката сцена во последните 30 години несомнено го вклучува и Jeff Mills, кој е основач на Underground Resistance, учествува во градењето на идеологијата на продукцијата со партнерите "Mad" Mike Banks, Robert Hood. Jeff Mills е и првиот продуцент кој започнува низа на проекти работејќи со класични музичари, од јams со саксофонистот Emile Parisien, до истражување на соларниот систем со целосен симфониски оркестар (Orquestra Sinfónica do Porto Casa da Músi). Забавата со Jeff Mills ќе се одржи на плажа Парк во Охрид, веднаш по Тhe Originator, каде ќе биде претставено комплетно различно музичко доживување во летен амбиент и неповторлива атмосфера на крајбрежјето на Охридското езеро. Локална поддршка на настанот ќе бидат Самоил Радински и Uzun Brothers. Верувам дека овие неколку часа во Охрид ќе бидат најдоброто нешто кое ќе се случи летово, настан по кој ќе се памети 2018-та година… Сè што ќе доживеете на овој настан, сите емоции и воодушевувања, препишете ги на врвните музичари, моите пријатели и соработници кои неуморно ме поддржуваат и нивните имиња со радост сакам да ги гледам на секој следен спектакл”, споделува Огнен за претстојниот настан.








Спонзорирани линкови

Маркетинг