Интервју со Лејла Рамковска: За сè што имам велам „благодарам“

Точка

04/07/2018

19:08

44.314

Големина на фонт

а а а

Никогаш лесно не им подлегнувала на неуспесите, туку се обидувала одново и одново, борејќи се за она кое го зацртала како цел, како сон. Таков е нејзиниот пат и до Аштанга јогата, техника која денес и е главна и омилена професионална преокупација. Бевме поканети во нејзиниот семеен дом во скопската населба Нерези, каде е опкружена со природата во која секојдневно шета или ги практикува јога техниките.

Лејла Рамковска е една од најпознатите инструктори по Аштанга јога кај нас, базирана во „Парк Резиденс“. Не многу зборлива, таа негува особено смирена енергија иако вели дека понекогаш нејзиниот темперамент знае да стигне и до „црвената“ линија... Но, спонтаноста што ја поседува ја оплеменува уште толку нејзината убавина... За „Точка“ таа го отвори нејзиниот дом... и срцето.  


Веќе неколку години Вашето време, внимание и страст и го посветивте на јогата. Денес сте инструкторка по Аштанга јога и давате редовни часови со голема посетеност. Еве за почеток на овој разговор можете ли да ни откриете како дојдовте во допир со оваа древна техника/наука за телото, умот и духот? 

Моето тело, ум и дух имаа потреба од јога. Во изминативе 15 години имав неколку неуспешни обиди да практикувам јога, по кои носев заклучоци дека таа техника не е за мене. Веројатно во тие моменти не сум била доволно подготвена да истражувам повеќе.

Имав здравствени проблеми: вртоглавици и силни болки во вратот и грбот. По неколку физикални терапии и по совет на докторот почнав да ги практикувам основните јога пози/вежби и тоа преку апликации за мобилен телефон. Потоа почнав да истражувам за јогата на социјалните мрежи, особено на „Инстаграм“, каде барав содржини поврзани со оваа техника. За мене најголема инспирација да продолжам со јогата беше моментот кога видов што се може да направи човекот, особено кога неговото тело и ум се во баланс и со правилно дишење.

Во неофицијалниот муабет ни откривте дека кога сте почнувале буквално едвај сте ги совладувале и наједноставните јога-пози... Но, не се откажавте. Што Ве мотивираше?

Ме мотивираше чувството по секоја пракса.


Како учевте? Од каде? Од кого?

Претежно сама учев, без планови еден ден да се занимавам со тоа и професионално. Но, ете склопот на околности доведоа до тоа. Во тој период кај нас прв пат се одржа курс за учители по аштанга јога, по лиценца на “Yoga Alliance” во водство на Неда Коцаре. Ми требаа само две минути за да сфатам дека тоа е мојот професионален повик.

Какви бенефити чувствувавте од практикувањето јога? Што оваа наука претставува за Вас? Дали Ве гради и духовно, ментално, емотивно?

Дефинитивно и духовно и ментално и физички видливо ме промени на подобро. Најважна е одлуката за грижа на себеси одвнатре и однадвор. Во текот на денот, дали се тоа 5, 15 или 90 минути треба да си одвоиме време за себе и да бидеме целосно присутни со секоја своја клетка во тоа одредено време. Мене тоа ми е неопходно.


Јогата денес е Ваше секојдневие и професионална преокупација... Се одлучивте за интензивен тип на Аштанга јога која бара одредена физичка подготвеност, мускулна издржливост... и што уште?

Веќе споменав дека два - три пати имав обиди да почнам да практикувам јога, незнаејќи дека тие типови на јога како хата, во тие одредени периоди од мојот живот, едноставно не биле за мене. Токму аштанга и power јогата заради мојот темперамент и енергија ми беа совршени за балансирање на јин и јанг енергија и за мир на умот.

Која беше Вашата професионална определба пред да почнете да практикувате Јога?

Работев во „А1“ ТВ.


Како би сакале да го развивате она што го создавате сега со јога-часовите? Имате ли некои сонови, идеи, желби?

Имам сон се повеќе луѓе да се охрабрат и да почнат да практикуваат јога, без разлика кој друг спорт го спортуваат. Без разлика дали се почетници во било каков спорт. Сакам да станат свесни дека за секого има стил на јога кој ќе им одговара. Би сакала да го развијам ова што го работам сега и јогата да стигне до се повеќе луѓе. Сакам да комбинирам и со пилатес, потоа со совети за соодветна исхрана и сето тоа како пакет да го понудам. Но, рано е да зборувам за тоа подетално.

Дали се перцепирате себеси како различна личност пред и откако почнавте да практикувате јога? Како таа Ви помогна во тој аспект? Дали можеби Ве научи да бидете посмирена, потрпелива, подобра личност?

Мислам дека во основа сум иста, базата е иста, но исфрлив многу слоеви кои ни се наталожуваат со текот на годините и искуства... И посреќна сум сега. Но, се уште учам и ќе учам...


Какви беа реакциите на Вашето семејство за одлуката да се занимавате со јога?

Позитивно секако. Имам ќерка и син за кои морам да бидам секогаш присутна и кои ја добиваат мојата љубов и внимание 24/7.

Дали Вашите деца покажуваат интерес за јогата?

Синот Каан засега има интерес само за фудбал, ќерката Каја покажува интерес. Но, не ги принудувам, туку само им покажувам одредени пози кога имаат желба за тоа. Знам дека со текот на времето тоа ќе станува се почесто.

Споменавте дека дел од годината живеете во центарот на Скопје, а во летниот период се повлекувате во скопската населба Нерези каде сте опкружени со зеленило и чист воздух... Дали утрата таму можеби ги користите за јога и медитација?

Во Нерези, во овој период од годината утрата ги користам за планинарење со сестра ми.


Како изгледа Вашето секојдневие? Во кои нешта уживате? Кои нешта Ве исполнуваат, Ве прават среќна?

Имам исполнет ден. Ме радуваат и најмалите нешта. Работа, семејство, пријатели, допир со природата и време за себе...

Кои се нештата на кои сакате да ги научите Вашите деца?

Најважното нешто што сакам да научат Каан и Каја е чувството на благодарност за сето она што го имаат. Од тука потекнува среќата.

Вашето семејство во изминативе години помина особено тежок, стресен период... Како Вие се соочивте со тоа? Како размислувавте и дејствувавте за доброто на семејството?

Секогаш бевме тука еден за друг. Ние секогаш бевме многу блиски. Одлучивме да останеме силни, здрави и прави. Се друго ќе си дојде.


Настрана професијата... Што друго Ве исполнува?

Ме исполнуваат плановите што ги имам за иднината. Ме исполнува среќата на децата, дружењето со позитивни луѓе, плановите каде следно да се отпатува... 

Како би го опишале Вашиот моден стил? Што најмногу носите? Каква облека имате најмногу во плакарот? 

Во плакарот се почесто имам спортска облека, па затоа пред да излезам навечер се чудам што да облечам (се смее).

Дали патувате често и каде?

Не патувам толку често колку што имам желба и енергија! Сакам да го видам цел свет! Патувањето е нешто што најмногу ме возбудува.  


Оваа фотосесија и интервју се реализирани во семејниот дом на Лејла Рамковска во скопската населба Нерези, каде живее опкружена со природа и ужива во прекрасниот поглед на Скопје


Нејзина голема желба отсекогаш била да се фотографира на балконот од прекрасната куќа која е во изградба, а во која треба да се всели во блиска иднина и од која се гледа целиот град


Пишува: Гордана Настевска Манасијеска
Фото: Марко Маркоски



Спонзорирани линкови

Маркетинг