Анѓушев: Македонско-холандска компанија ќе инвестира 7 милиони евра и ќе вработи 100 лица

Макфакс

20/06/2018

18:55

1.424

Големина на фонт

а а а

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев најави нова инвестиција во Технолошко-индустриската развојна зона Тетово. Се работи за македонско-холандска компанија, која како што рече, би инвестирала 7 милиони евра и би вработила 100 лица во наредниот период.

„Во оваа зона наскоро ќе има и нова инвестиција, компанијата „Глас Флекс“, создадена со македонско-холандски капитал. Тие ќе инвестираат приближно 7 милиони евра и ќе вработат над 100 луѓе. Веруваме дека со ваквата динамика и развој, оваа индустриско-технолошка развојна зона ќе добие поинтензивен развој“, потенцираше вицепремиерот.

Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши, кои денеска ја посетија ТИРЗ зоната, за време на посетата одржаа средба со менаџментот на компанијата „Нормак“ која ја менаџира зоната во Тетово и ја посетија компанијата „Леар Корпорејшн“.

Анѓушев при оваа посета го изрази задоволството за тоа како се одвиваат работите во зоната, а стана збор и за предизвиците со кои се соочува „Нормак“ како и за и нивно надминување.

„Денешната средба и разговорите нè уверија дека ТИРЗ Тетово се повеќе ги исполнува очекувањата и дека управувањето со оваа зона преку формулата на јавно приватно партнерство е многу успешно. Оптимистичка и поттикнувачка е информацијата од „Леар“, којашто е веќе успешна компанија дека ќе го зголеми својот капацитет и бројот на вработени. Тоа значи дека компаниите веќе ги препознаваат политиките на Владата за поддршка на новите инвестиции и целокупниот развој“, рече Анѓушев.

Министерот Бектеши, при своето обраќање ги повика компаниите да ги користат бенефициите од законот за економски раст и мерките кои предвидуваат поттикнување на развојот на компаниите.


„Има многу заинтересирани компании коишто сакаат да инвестираат. Имајќи го предвид Законот за поддршка на инвестициите ги повикувам сите компании кои веќе инвестирале во 2017 година, до крајот на јуни 2018 година да ги поднесат своите апликации да добијат поврат на средствата за своите инвестиции, а воедно оние компании кои инвестирале во 2018 година и планираат инвестиции и во следните години, уште еднаш да ги разгледаат добро мерките што се предвидени во Законот и се надевам дека ќе најдат доволно и доволно поддршка да ги интензивираат своите инвестиции во нашата држава“, нагласи Бектеши.




Спонзорирани линкови

Маркетинг