Ким му испратил писмо на Путин: Сакам соработка со Русија на високо ниво

Точка

19/06/2018

14:03

2.332

Големина на фонт

а а а

Како што пренесуваат руските медиуми, деновиве во Кремљ пристигнало писмо од Пјонгјанг со прилично интересна содржина.

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун му испратил писмо на рускиот претседател Владимир Путин во кое што му порачал дека сака да ги одржи контактите со Русија на високо ниво, потврди денес советникот за надворешна политика на рускиот претседател, Јуриј Ушаков.

Ушаков откри дека сепак досега не бил направен договор за можна посета на севернокорејскиот лидер на Москва, пренесува руската новинска агенција „ТАСС“.


Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков претходно во текот на овој месец откри дека рускиот претседател Владимир Путин го поканил лидерот на Северна Кореја да ја посети Русија, а тоа би можело да се случи за време на економскиот форум во Владивосток во септември.

Ким Јонг Ун неодамна во Сингапур оствари историска средба со американскиот претседател Доналд Трамп на која што разговараа за повлекување на потези кои што ќе ги смират страстите и ќе ги приближат двете земји.


На состанокот во Сингапур било договорено да започне процес на денуклеаризација на Северна Кореја, а Американците да ги прекинат воените вежби кои што заеднички со армијата на Јужна Кореја ги одржуваат во близина на севернокорејската јужна граница.

Сосема разбирливо, откако стана јасно дека САД и Северна Кореја „ја спуштаат топката“ и во иднина ќе следува уште поголемо зближување на двете земји, истото сега се обидува да го направи и Владимир Путин кој што брза да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун затоа што додека САД се присутни во Јужна Кореја и Јапонија, а сега се приближуваат и кон Северна Кореја, Русија нема апсолутно никакво влијание во регионот, иако се граничи со Северна Кореја.



Спонзорирани линкови

Маркетинг