Заев ги охрабри италијанските компании да бидат дел од изградбата на инфраструктурата во земјата

Макфакс

12/06/2018

13:53

1.036

Големина на фонт

а а а

Премиерот Зоран Заев денеска се обрати на бизнис-форум со наслов „Крстосница на Балканот, инфраструктурата, енергетиката и животната средина во Република Македонија“, во организација на италијанската амбасада во Македонија и ИЧЕ – Агенција за промоција во странство на италијанските компании.

Во своето обраќање пред присутните претставници од стопанството на Република Италија, Заев, повикувајќи ги да ја продолжат и продлабочат соработката со македонските компании, меѓу другото, рече:

„Длабоко верувам дека денешниот бизнис-форум претставува одлична можност да ги отвориме перспективите за развој на енергетиката и инфраструктурата и за заштита на животната средина преку плодоносна, квалитетна и широка дебата за прашања од исклучителна важност за иднината“.

Премиерот истакна дека Македонија претставува најважната крстосница на Балканот кога станува збор за инфраструктурното и енергетското поврзување. Додаде дека Македонија претставува и најцврстиот јазол што ги поврзува земјите од Западен Балкан на културно и историско ниво.

„За нашата земја да ја исполни оваа своја клучна задача, планираме да ги ставиме во функција сите капацитети и да го впрегнеме целиот неискористен природен потенцијал што Македонија го поседува, да направиме поврзување на земјата преку патна, железничка и енергетска инфраструктура со земјите од регионот и Европа и секако да ја чуваме и унапредуваме животната средина“, рече Заев, кој истакна дека особено значајно е да се обезбеди диверзификација и достапност на енергентите до сите граѓани и до компаниите.

„Овде ни требаат пријателите. Италија е голем пријател на Република Македонија, земја која е еден од главните столбови на Европската Унија кон што мојата земја тежнее. Од тоа име јас упатувам отворена покана, покана за пријателство, да ја продолжите и унапредите соработката што веќе ја имате со нашата земја, со домашните компании, да ја зголемите трговијата, но и да конкурирате за сè она што претставува наша амбиција за изградба на сеопшта инфраструктура во Република Македонија“, истакна премиерот.

На форумот исто така се обратија и амбасадорот на Република Италија во Република Македонија, Карло Ромео, и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, а панелисти на форумот беа и Анка Јоана Јонеску, директорка на ЕБРД за Македонија, Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Александра Капобјанко, директорка на канцеларијата на Агенцијата за промоција во странство на италијанските компании во Скопје, како и претставници на италијански асоцијации за градежништво, проектирање, за електронска и електротехничка индустрија и железницата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг