Интервју со Кирил Ставрев, Executive Chef во Скопје Мериот хотел: Во Скопје Мериот светски готвач, а Македонец по потекло

Точка

30/05/2018

09:43

14.919

Големина на фонт

а а а

Кирил Ставрев е новиот Executive Chef во Скопје Мериот Хотел, што донесе вистинско освежување со глобално искуство. Неговото доаѓање во професионалниот кулинарски тим на Скопје Мариот е дочекано како значително освежување на ресторанското мени.

Кирил по потекло е од Македонија, меѓутоа веќе 10 години живее и работи во САД како главен готвач во бројни хотелски ланци како Ritz Carlton, St. Regis, Marriott Marquis, реномирани ресторани и дипломатски претставништва. За своите импресивни кулинарски вештини, со знаење се стекнал работејќи со познати кулинарски мајстори, а паралелно се стекнувал и со сертификати и официјални обуки. Верува во моќта на храната да заведува, да расположува и во Дистрикт го носи искуството од светските кујни во комбинација со сопствените гастрономски корени. 


Кирил, Вие сте готвач со импресивно искуство работејќи во еминентни, светски брендови од угостителството и хотелиерството, како и почесни конзулати и амбасади. Можете ли да ни раскажете нешто повеќе за Вашите почетоци и работата надвор од Македонија? 

Почнав пред многу години и сосема случајно добив зелена карта со која одлучив да си ја пробам среќата во недостиг од нови предизвици. Се отселив од Македонија пред точно 10 години и првата работа како шеф ја добив во престижниот и луксузен бренд Риц Карлтон. Работев во неколку Мериот брендови меѓу кои и Мериот, Риц Карлтон, Сен Риџис, Мериот Маркиз, а во неколку од нив бев од самиот почеток со работа, како што се најголемиот во ДС, Мериот Маркиз. Исто така, учествував на многу натпревари и настани за храна меѓу кои и Фуд анд Вајн во Аспен, Колорадо- најголемиот во Америка. Учествував и во Фуд фајт, а од поинтересните случки можам да го издвојам готвењето за голем настан за Кевин Костнер исто така во Аспен, Колорадо.

Всушност, Вашето образование е стекнато во Македонија, но професионалните искуства почнуваат и се развиваат во странство. Што Ве натера да се вратите во Македонија? 

Половина живот го поминав тука, во Македонија. Можноста да работам за истата компанија каде што работев со години во Америка, во Мериот фамилијата, но тука во својата татковина за мене претставуваше огромен предизвик но и одговорност. Сакам моето искуство и знаење да го пренесам тука и да оставам траги во македонското кулинарство.


Што претставува за вас храната и каков е процесот до нов рецепт или иновативен специјалитет? 

Наспроти биолошката дефиниција дека храната е консумација на секоја хранлива супстанца со цел да се одржат животот и растот и паралелно со потребата од храна, за мене секој оброк, појадок, ручек или вечера е задоволство. Задоволство што обзема уште на поглед, што возбудува со мирис и заведува со вкус. Има толку многу прекрасни вкусови, уникатни, специфични, типични и вкусови и оброци кои зборуваат за еден народ, култура или цивилизација повеќе од сите истории или антрополошки студии. Преку националните оброци и кујни, односно преку нивните особености може да се опише и спознае некој народ, менталитетот и културата на живеење. Овој однос кон храната ме направи тоа што сум денес и ме турка секој чекор понатаму. Вистина е дека се може да се приготви и се може да биде храна, но комбинирањето вкусови, откривање на нивната комплементарност, дополнување со поттикнувачки или смирувачки ефекти е вистинското мајсторство во кулинарството. Потрагата по овие состојки и карактеристики на храната е дел од мојот процес на откривање и создавање нови специјалитети. Како потрага по убавото, затоа што храната е за јадење, а добрата храна е за уживање, според мене, храната, всушност, е многу убава сама по себе.

Зошто одлучивте да се посветите токму на кулинарството? 

Затоа што готвењето е посветено на среќата на луѓето. Храната е можеби единствената универзална работа што навистина има моќ да ги спои сите заедно. Без оглед на културата, насекаде низ светот, луѓето се собираат за да јадат и додека јадат, споделуваат толку многу. Ајде замислете за момент колкаво ви било задоволството при некоја семејна, празнична трпеза и не само заради семејното собирање. И уште, одењето во ресторан е едно од моите најголеми задоволства. Се сретнувате некаде со старите и новите пријатели, нарачување вино, храна, опкружени сте со странци, несекојдневен амбиент, и ви е убаво, пријатно. Тоа е момент создаден за уживање и да ве исполни со позитивни чувства. Според мене тоа е суштината и тоа значи да се живее цивилизиран живот.


Кулинарството е професија која секојдневно нуди нешто различно, без разлика дали тоа се прилагодувања на одредена кујна или креирање сосема нови менија. Изобилството од кујни, вкусови, можности за креативно изразување низ храната, придонесуваат никогаш да не е досадно во оваа професија. Дали може да одвоите одредена кујна како Ваша “посилна страна”? 

Денес, кулинарството претставува исклучителна уметност, и не постојат ограничувања за што се можеме да креираме. Работејќи во угостителство, сум создал повеќе менија сервирани за различни клиенти од различни делови на светот и тоа аргентинско, middle eastern, американско, француско и уште неколку. Меѓутоа, се уште би кажал дека мојата култура и потекло играат огромна улога, така што секогаш се стремам, да имплементирам нешто македонско во моите јадења дури и кога сум преку океан. Се на се, би рекол дека стилот и пасијата ми е медитеранска кујна.

Од неодамна, Вашите вешти раце се дел од тимот на Skopje Marriott Hotel. Кои се Вашите очекувања од работата со брендот на Мериот во Македонија, знаејќи дека веќе сте биле дел од интернационалниот тим на Мериот? 

Без разлика дали работам дома или надвор од Македонија, Мериот како бренд секогаш се стреми да произведе одлична услуга за своите клиенти. Да се биде дел од интернационален тим и да се има можноста да се работи за неколку од брендовите на Мериот хотелите е прекрасно, и очекувам да можам да го пренесам мојот концепт, визија и страст кон храната! Досегашното искуство што го имам со другите Мериот хотели, ме увери дека ова е амбиент и средина каде се стимулира уникатноста, креативноста, немирниот дух во потрага по нешто ново и не само што го поттикнува туку и создава услови да ги исполните своите визии. А, како што кажав се околу храната е поврзано со задоволство и нормално е да се поттикнува генерирање на тоа задоволство.


Новите јадења кои се дел од менито се навистина незаборавно искуство за секој кој ги вкусил. Кое јадење би го одвоиле како најголем кулинарски предизвик?  

Сите јадења се приказна сама за себе. Сепак ќе кажам дека предизвиците поврзани со Скопје Мериот допрва следуваат и можам да најавам комплетно ново мени и концепт што тврдам дека ќе бидат многу интересни, со интернационални специјалитети со Македонски примеси и локални свежи состојки. Отвораме ново поглавје во книгата на задоволствата и заедно со навистина пријатниот, уникатен и создаден за опуштање и уживање амбиент на Дистрикт Бар и Ресторан, даваме нова дефиниција на незаборавен оброк.



Спонзорирани линкови

Маркетинг