Поради спорот со името, ПСК „Чеплес“ четири години одбиван за членство во Федерацијата на планинари

Макфакс

20/05/2018

16:18

2.700

Големина на фонт

а а а

Планинарскиот спортски клуб (ПСК) „Чеплес“ од Велес четири години се обидува да стане член на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија. Барањата за членство им се одбиваат оти имаат исто име како и Планинарскиот дом „Чеплес“ за кај Федерацијата води судски спор со Општина Чашка, која домот го легализирала па го продала. Членовите на Планинарскиот клуб се револтирани од ставот на Федерацијата од каде им кажале дека поради истото име, можно е да биде утврден конфликт на интереси ако станат членови додека трае судскиот спор.

„Не не примаат во Федерацијата, а ни ги земаат парите што ги плаќаме за обуките за водичи. Ова е апсурд. Ако е во прашање членство во Федерацијата името е проблем, а кога е во прашање земање пари, нема проблем“, се пожалија членови на клубот на вчерашното изборно собрание на Федерација, пред да почне изборот на новото претседателство.

Членовите на „Чеплес“ кои вчера беа на седницата, велат дека немаат како да им ја објаснат состојбата на вкупно 100 членови што ги има клубот кои бараат членски книшки во кои ќе им се бележи секое искачување. Велат дека веќе го изгубиле трпението и подготвени се да преземат радикални мерки во однос на барањето за членство кои не исклучуваат судска постапка.

Јовица Угриновски, претседател на Федерацијата, кој вчера доби трет мандат на оваа функција, уште еднаш ги повика на трпение.

„Вашето барање за членство не е одбиено туку е одложено. Имајте трпение. Судскиот спор би требало да заврши за 15-16 дена и барањето ќе биде прифатено. Ви образложивме дека прифаќање додека трае судскиот спор може да се протолкува како конфликт на интереси“, рече претседателот Угриновски.

Велешкио „Чеплес“ е активно планинарско друштво чии членови ги посетуваат сите маршови но немаат печати оти немаат членски книшки од Федерацијата. Членови на „Чеплес“ имаат лични подвизи како што се искачувања на Арарат (5137), Дамаванд (5671), Елбрус (5642), Килиманџаро (5895), Монт Блан (4810) и многу други врвови.



Спонзорирани линкови

Маркетинг