Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, ја напуштил Северна Кореја со тројца американски државјани, кои биле ослободени од затворите во таа земја.
Тие биле ослободени пред претстојната средба на лидерите на САД и Северна Кореја, Доналд Трамп и Ким Јонг Ун, а "AP' ги објавил профилите на тројцата Американци, наведувајќи дека биле уапсени поради "субверзивни активност, шпионажа и други непријателски акции".
Во притвор најмногу време минал Ким Донг-Чул, американски државјанин, роден во Јужна Кореја, кој бил уапсен на 2. октомври 2015. година.
Пред апсењето, 64-годишниот Ким водел компанија во специјалната економска зона Расон на североистокот на Северна Кореја, наведуваат севернокорејските државни медиуми.
Тој е осуден на 10 години затвор и на принудна работа во април 2016. година, поради наводна субверзија на социјалниот систем на Северна Кореја и шпионажа.
Пред да му биде изречена казна, поранешниот граѓанин на Вирџинија јавно се извинил за клевета против севернокорејското раководство, собирање и проследување на доверливи информации до Јужна Кореја и приклучување во кампања против Северна Кореја.
Во април 2017. година, на аеродромот во Пјонгјанг бил уапсен Тони Ким, кој е познат и по своето корејско име Ким Санг Дук, поради извршени "непријателски кривични дела со цел пуч" во Северна Кореја.
"KCNA", меѓутоа, не навела какви точно кривични дела извршил Ким. Предавал книговодство на Универзитетот за науки и технологија во Пјонгјанг, единствениот универзитет во Северна Кореја кој се финансира од приватни средства.
Универзитетот негирал дека неговото задржување во притвор има некаква врска со неговото работење во таа установа.
Ким претходно предавал корејски јазик на еден универзитет во кинескиот град Јанџи.
Последен, на 6. мај, бил уапсен Ким Хак-Сонг, кој работел на развој на земјоделство и експериментални фарми, а работел на Универзитетот за наука и технологија во Пјонгјанг.
Според наводите на "KCNA", тој бил уапсен поради ангажирање во непријателски акции против Северна Кореја, но не е прецизирано за какви акции станува збор.
"AP" нагласува дека не е познато дали Тони Ким и Ким Хак-Сонг биле официјално осудени.
Тројцата Американци Ким Донг Чул, Ким Хак-сонг и Ким Санг Дук слетаа на американска територија, само неколку часа откако беа ослободени од притвор во Северна Кореја. Американскиот претседател Доналд Трамп и првата дама Меланија ги пречекаа на аеродромот и им посакаа добредојде.
Меѓу присутните кои ги пречекаа беа и потпретседателот Мајк Пенс и неговата сопруга, како и Државниот секретар Мајк Помпео, кој вчера беше во Северна Кореја и преговараше за нивното ослободување.
Тројцата Американци поминаа неколку месеци зад решетки во изолираната комунистичка земја.
Во меѓувреме, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјавил дека го прифатил предлогот на САД да ги ослободи и да ги помилува американските државјани, кои се наоѓаа во затвор во Северна Кореја. Тој рекол дека претстојниот самит со американскиот претседател Доналд Трамп ќе биде прекрасен чекор кон подобрување на ситуацијата на Корејскиот полуостров, пренесе КЦНА.
Според севернокорејската државна новинска агенција, Ким постигнал задоволувачки консензус со американскиот државен секретар Мајк Помпео, со кого се сретна пред два дена.
Како што пренесува КЦНА, ова е досега најнов знак на подобрување на односите меѓу двете земји, во пресрет на историскиот самит меѓу Трамп и Ким.