„Нејкед“ со настап во „Барбакан“: Пораснавме со „Бушава Азбука“

Точка

08/05/2018

13:42

9.496

Големина на фонт

а а а

Со Македонија велат се нераскинливо поврзани. Тука имаат многу пријатели и колеги. Природата им е преубава и секогаш се чувствуваат како дома. Освен тоа, откриваат дека се деца на Југославија и понатаму чувствуваат дека се едно со сите тие земји, без разлика на границите. Пораснале со „Бушава Азбука“ и „Шарам Барам“, ја следеле и се уште ја следат македонската музичка сцена.

На 13-ти мај, еден од најпознатите српски бендови наречени едноставно „Нејкед“, базирани во Белград, ќе настапат во Скопје, по повод роденденот на „Барбакан“ - еден од најпознатите бистро барови и ресторани во градот. Роденденската забава ќе започне во 14 часот каде овој бенд што со својата музика го обиколи целиот свет, ќе настапи со многу песни од нивниот богат репертоар.


Овој квартет составен од Бранислав Радојковиќ (бас), Ѓорѓе Мујисковиќ (виолина), Горан Милошевиќ (тапани) и Растко Узуновиќ (кларинет, саксофон) создава уникатен звук, микс од традиционалната музика од Балканот со свинг и фри-џез елементи. Затоа и секој нивен настап предизвикува силна еуфорија кај публиката... Тоа ќе го доживее наскоро и скопската публика.


Што ќе свирите за роденденот на „Барбакан“? Дали македонската публика ќе слушне повеќе песни од новиот албум „Yes“ или ќе го проширите репертоарот? 

На листата ќе има најмногу песни од новиот албум, и овој настап всушност ќе биде еден вид промоција на „Yes“ во Скопје. Но, бидејќи нашиот настап ќе трае 2 часа, ќе имаме време да свириме и некои од нашите најпознати песни од претходните албуми.

Дали новиот албум „Yes“ носи малку поинаков звук за разлика од претходните? Дали тој ги содржи вашите искуства, созревање... искушенија како бенд?

Секој нов албум е приказна за себе. И во него е „завиткано“ се она што ни се случуваше додека го создававме. Во последните неколку години патувавме околу светот, во многу земји. И сите тие авантури и доживувања беа инспирација за песните. Ние како луѓе се менуваме и подобро се запознаваме себеси и своите инструменти. Тоа е многу благороден процес.


Пред скоро 2 месеци се вративте од турнејата од Индија. Можете ли да споделите со нашите читатели некои од моментите кои го доживеавте таму (професионално и интимно)? Како ја почувствувавте оваа земја?

Тоа беше едно неверојатно добро искуство. За 15 дена ги поминавме сите најзначајни делови на оваа голема земја, ги запознавме констрастите кои го прават животот во тој дел од светот. Најголем впечаток ни остави „Рацастан фестивалот“ на кој настапувавме во средиштето на пустината Тар, во северозападна Индија, на границата со Пакистан. Концертот се случуваше на бина која беше сместена меѓу две песочни дини. Тоа ќе ни остане врежано во нашето сеќавање засекогаш.

Кои други континенти/земји ги посетивте досега? Раскажете некои интересни случки. Сепак сте единствениот бенд од Србија кој со својата музика го пропатува целиот свет...

Во почетокот на 2017-та година бевме на 25 дневна турнеја во Чиле, Јужна Америка. Поминавме околу 3000 километри, од Сантијаго де Чиле до Патагонија, која се наоѓа на самиот југ на земјата. Се возевме во камп-приколка со нашиот домаќин Субир од истоимениот бенд, со кој ја делевме сцената тие 15 дена. Имавме вистински водич и со него изградивме нераскинливо пријателство. Уште едно незаборавно искуство е Балтичката турнеја, како и патувањето во Јужна Кореја.


Името на бендот „Нејкед“ открива многу за концептот на вашето живеење како луѓе и како бенд. Што значи да се биде NAKED?

Се трудиме да бидеме искрени еден кон друг, а со самото тоа и со публиката. Свириме музика која доаѓа од нашите срца и души и кога сме на сцената, ние сме емотивно, креативно и енергетски соголени пред публиката. Од друга страна, тоа значи да се биде посветен 1000 отсто на она што го создаваме и исто толку и го сакаме.

Да се одржи бенд повеќе години верувам дека не е воопшто лесно. Особено за време на настапите, турнеите, патувањата... Како вие функционирате во тој контекст?

Горан, Џоле и јас сме од самиот почеток во бендот. Еве сега славиме 12 години од првата проба. Идејата која лебдеше во воздух тој ден на првата проба, а се состоеше во тоа да патуваме, да ја споделуваме нашата музика со светот, во последниве неколку години стана и реалност. Уживаме во создавањето на музиката, се сакаме и му се радуваме на секој настап. Тоа е во суштина рецептот што го имаме во нашата кујна (се смее).


Што ве очекува сега наскоро во однос на настапи?

Цело лето ни е исполнето со настапи на фестивали и концерти по Европа и Медитеранот. Кон крајот на летото не очекува уште едно патување во Јужна Кореја, во септември патуваме за Бразил, а следната година повторно во Индија и Јужна Америка. Ова е „never ending tour". Се гледаме на некој меридијан (се смее).

Пишува: Гордана Настевска Манасијеска 
Фото: „Нејкед“ 




Спонзорирани линкови

Маркетинг