Според извори од Белата куќа, речиси сигурно е дека Трамп ќе нареди повлекување на САД од нуклеарниот договор со Иран, а останува прашањето кога таа одлука ќе биде донесена.
Како што пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“, повикувајќи се на извори од Белата куќа и останати високи функционери од администрацијата на Трамп, речиси сигурно е дека американскиот претседател одлучил САД да се повлечат од иранскиот нуклеарен договор, а единствено не е јасно како тоа точно ќе биде изведено.
Сепак, истовремено е наведено дека постои многу мала шанса САД да остане во договорот, а доколку тоа се случи, тоа ќе биде исклучиво поради „одржување на сојузништвото“ со Франција, со оглед на тоа што Емануел Макрон неодамна побарал од Трамп, САД да не излегува од договорот.
Неименувани дипломати во разговор за „Ројтерс“ изјавиле дека излегувањето на САД од договорот целосно ќе го уништи тој договор и ќе го втурне светот во нова голема криза затоа што Иран автоматски ќе продолжи со својата нуклеарна програма или пак ќе ги „казни“ американските сојузници во Сирија, Ирак, Јемен и Либан.
Како и да е, Доналд Трамп ќе ја донесе одлуката до 12-ти мај. Според американскиот претседател, САД може да остане во договорот само ако европските земји се согласат договорот да претрпи низа на промени.
Сепак, ситуацијата е комплицирана затоа што Иран нема да се согласи на промени, а од Техеран во повеќе наврати порачаа дека тие ги почитуваат сите одредби од договорот во 2015-та година и немаат намера повторно да преговараат за истото.
Секако, оваа ситуација внимателно ја следи Израел, посебно премиерот Нетанјаху кој што ја „подгреа“ ситуацијата во насока на распаѓање на договорот и воведување на нови санкции против Иран откако минатата седмица тврдеше дека поседува докази дека Техеран има тајна нуклеарна програма.