Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров изјави дека во нападот врз двојниот агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија бил користен нервен агенс од западно производство.
Контра обвинувањата, Лавров ги заснова врз анализа на швајцарска лабораторија.
Лавров рече дека Москва добила доверливи информации од лабораторија во швајцарскиот град Шпиц, која ги анализирала примероците од нервен агенс, пронајден во Солсбери, на барање на Организацијата за забрана на хемиско оружје.
Руските медиуми пренесоа дека се работи за супстанца „БЗ“ која била во составот на вооружувањата на САД, Велика Британија и други членки на НАТО, додека Русија не произведувала таква супстанца.
Организацијата за забрана на хемиско оружје претходно, како што тврдеше Британија, потврди дека во нападот врз Скрипал на 4-ти март бил користен нервен агенс, меѓутоа без да прецизира чија е одговорноста за нападот.
Лондон ја обвини Москва дека стои зад обидот за труење извршено со употреба на супстанцата „новичок“. Русија ги отфрли обвинувањата.