Кинескиот претседател Кси Џинпинг ветил денес дека ќе ги намали кинеските даноци за увоз на автомобили и ќе ја подобри заштитата на интелектуалната сопственост, што би можеле да бидат отстапки поради ублажување на спорот со САД околу трговијата и технологијата.
Во обраќањето на деловната конференција, Кси не го споменал директно својот американски колега Доналд Трамп, ниту трговскиот спор. Тој, меѓутоа, ветил напредок во областите кои се приоритетни за САД, вклучувајќи отворање на кинески банкарски индустрии и поттикнување на увоз.
Кси сепак не ги споменал најболните прашања за САД, како што се обврските на странските компании во Кина да отвораат претпријатија на основа на заедничките вложувања, со обврска за пренос на технологии во локалните компании.
Кси ја претставил Кина како бранител на слободната трговија и соработка, што е своевиден одговор на барањето на Трамп за рестрикции на увозот и за поповолни трговски договори со САД.
"Кинеската врата нема да се затвор и само ќе биде пошироко отворена", рекол Кси на Боао форумот за Азија на јужниот остров Хаинан. Кси рекол дека Пекинг значително ќе ги намали тарифите на увоз на автомобили оваа година и ќе ги ублажи рестрикциите на странска сопственост во автомобилската индустрија, "што е можно порано".
Аналитичарите го оцениле говорот на Кси како настојување да се стави крај на трговскиот спор со САД, што се смета за најголем трговски спор од Втората светска војна. Спорот поттикнал страв дека опоравувањето на глобалната економија би можело да биде погодено доколку владите бидат наведени да ги кренат своите увозни бариери.
Трамп се заканил дека ќе ги крене тарифите на кинеската роба во вредност од 50 милијарди долари како одговор на жалбата дека Пекинг врши притисок на странски компании да ја предадат својата технологија. Пекинг возвратил со свој список на американска роба на која ќе воведе тарифи од 50 милијарди долари.
Кинескиот претседател ветил дека ќе охрабри нормална технолошка размена и ќе ги штити легалните права на сопственост на странските компании.