Белау во Скопје: Од најголемите светски фестивали право во Македонија

Точка

10/04/2018

13:11

8.865

Големина на фонт

а а а

Бендот кој настапуваше на најголемите светски музички фестивали, овој април доаѓа и во Скопје. Унгарците „Белау“ биле дел од „Зигет“, „Антолд“, „Балатон Саунд“ фестивалите, а нивната музика се наоѓа и во неколку ТВ серии и рекламни кампањи во 33 земји во светот, како „Пепси“ и „Теленор“. Со нивната музика велат ќе ги донесат летните звуци и морскиот амбиент и тука...

Музичкиот проект „Белау“ (наречен по егзотичниот остров Палау, кој се наоѓа во Пацификот) е создаден во 2015-та година од Петер Кедвес, кој ја продолжил оваа музичка авантура заедно со неговиот најдобар пријател Кристијан Бузас и заводливата пејачка Бобе Сзеси. Во изминатите три години тие имаат стотина настапи низ цела Европа и Америка, за што се особено горди. Живеат со музиката што ја создаваат и затоа ги освојуваат новите територии... „Белау“ ексклузивно за Точка:

За само неколку дена, на 13-ти април ќе настапите во Скопје, а потоа продолжувате во Битола и Тирана. Ова ќе биде вашата прва мини-турнеја на Балканот, дел кој досега не сте го посетиле. Какви се вашите очекувања? 

Да. Ова ќе биде наше прво претставување пред Балканската публика. Скопје, Битола и Тирана се дел од нашата голема европска турнеја (досега настапивме во 17 земји) и сме особено среќни што ќе бидеме таму. Од досегашните познанства и искуства знаеме дека луѓето од Источна Европа се особено топли и гостопримливи.


Пред само две недели се вративте од Америка, каде настапивте на неколку големи фестивали. Какви искуства носите оттаму? Како го почувствувавте тој континент на „своја кожа“?

Беше неверојатно! Ако пред една година некој ни кажеше дека ќе свириме во САД, немаше да му поверуваме. Два пати настапивме на „SXSW“ фестивалот, кој се смета за еден од најголемите во светот. А, Остин е особено кул место. Свиревме и во Њујорк. Беше тоа мини-турнеја за паметење. Би сакале да се вратиме повторно и следната година, затоа што овие концерти беа особено успешни.

Кои се следните дестинации/сцени?

Трансилванија, Бугарија, Словачка, можеби Украина и фестивалот „Мидем“ во Кан (нешто за кое одамна сонувавме), Франција. А, секако ќе имаме и неколку поголеми концерти во Унгарија. Летово ќе свириме во Хрватска, Црна Гора, Словачка, Чешка... А, на есен ја почнуваме турнејата низ Западна Европа.


Приказната „Белау“ започна во 2015 година како инспирација од Вашите патувања и авантури. Споделете некои од нив, кои потоа ги „преточивте“ во музика...

Поминав многу убави летни одмори во Хрватска, особено во малото гратче Петрчане (имаме и песна што го носи истото име). Пред да го создадам бендот „Белау“ патував низ Италија и Америка, но и две години подоцна, во 2017-та доживеав многу големи авантури со бендот. Посетивме над 20 земји. Беше прекрасно! Во јануари оваа година мојот сон се оствари и бев на 10 дневно патување по Карипските Острови, Курасао и Аруба. Оттаму дојде и инспирацијата за нашиот нов албум.

Како дојдовте до името на бендот „Белау“?

Има една земја која е многу далеку и се вика Палау. За нас таа е култно место кое би сакале да го посетиме еден ден. Изгледа многу убаво! Може да погледнете фотографии на „Гугл“. Локалните луѓе ја нарекуваат „Белау“, што значи еден вид приморско расположение, кое ние го внесуваме и во нашата музика.


Сан даун темпо е музичкиот жанр каде „живее“ бендот. Во вашата музика слушаме убаво и позитивно расположение. А, тука е и пораката на бендот: оставете го бизнисот и монотонијата на секојдневието, тргнете ги менталните бариери и искусувајте го секој момент до максимум. Дали живеете како што пеете?

Се обидуваме да живееме со тој оптимизам постојано, ама е тешко (се смее). Но, кога создаваме музика или кога ја свириме и слушаме – тогаш се е лесно. По природа сите сме многу позитивни луѓе, а музиката уште повеќе ни помага во тоа расположение.

Одбивате да бидете дел од корпоративниот свет и да живеете стандарден живот. Верувам дека секој ден ви е различен. Како ви поминуваат?

Работиме многу. Сами правиме се, од промоција на бендот до графичкиот дизајн и се обидуваме да бидеме се поголеми и поголеми. Знаеме дека сме на добар пат. Еден обичен ден за нас значи пишување многу електронски пораки, планирање турнеи... Но, скоро секој викенд сме некаде на пат. Минатата година имавме 70 концерти низ цела Европа.


Вашата музика е во неколку ТВ серии на „HBO“. Дали тоа за вас беа нови предизвици? Ви се отворија ли нови понуди?

Нашата музика е во унгарската ТВ серија „Златен живот“. И за тоа сме особено среќни. Нашите песни се искористени и за неколку ТВ и радио реклами. На пример, минатото лето една наша песна беше на рекламата за Пепси и се „вртеше“ низ 33 земји. Мислам дека меѓу нив беше и Македонија.

Кои моменти би ги раскажале од настапите на неколкуте големи европски и светски фестивали?

Особено искуство беа „Еуросоник“ и „Антолд“ фестивалите. Но, најголеми емоции имавме кога настапувавме во Будимпешта пред 15.000 луѓе. Чувството е неверојатно!


Ваша омилена песна од „Белау“?

Ух, тешко е да се избере само една. Можеби најновите...


Пишува: Гордана Настевска-Манасијеска
Фото: Белау 

На 12-ти април, еден од најпознатите унгарски и европски бендови „Белау“ ќе настапат и во Скопје, во „Рок Кафана Рустикана 2“ 




Спонзорирани линкови

Маркетинг