Лука Циндриќ: Популарен, ама со нозе цврсто на земја

Точка

26/02/2018

12:32

10.556

Големина на фонт

а а а

Титулата најдобар ракометар во Европа за 2017-та година ја оправдал стотина пати на сите натпревари, каде жестоко се бори за победа. Тој е и стрелецот на победничкиот гол со кој македонскиот ракометен првак „Вардар“ влезе во финалето на Лигата на шампионите, со што стана миленик на сите ракометни фанови тука и пошироко.

Со сите овие успеси, Плејмејкерот на РК „Вардар“ Лука Циндриќ, пред неколку месеци е избран и за амбасадор на спортскиот бренд „Polleo sport“...  


На свои 24 години е горд на сите овие успеси до кои стигнал со многу напорни тренинзи, дисциплина, режим на исхрана и живеење и одредувања од многу задоволства... Македонија е негов дом цели четири години и секако дека не интересираше за квалитетот на неговиот живот тука, на што тој со искрена насмевка одговори дека многу ја сака земјава, дека е воодушевен од отвореноста на луѓето тука и од опуштениот начин на живеење.


Нешто што го нема во неговата родна Хрватска. Го фотографиравме во фитнес салата на спортскиот центар „Јане Сандански“ каде го минува најголемиот дел од денот, а помуабетивме во скај барот на хотел „Русија“ каде секое утро го пие утринското кафе (бидејќи живее во непосредна близина), уживајќи во панорамскиот поглед на Скопје. Пријатен и отворен, духовит и шармантен, Лука низ смеа ни раскажуваше за неговото професионално и животно патешествие, единствено резервиран за приватниот живот.

Дознавме само дека во Скопје живее со неговата девојка со која е заедно уште од средношколските денови, но не сакаше да открие ништо повеќе од тоа...  

Како што споменавте во неофицијалниот разговор, животот на спортистите не е воошто лесен и едноставен. Во Вашата дневна агенда имате два задолжителни и напорни тренинзи, а за време на викендите се натпреварите... Треба многу волја да се издржи сето тоа. Од каде Вие ја црпите? 

Точно. Животот на спортистите не е воопшто лесен. Сезоната е долга и освен тоа што имаме постојани натпревари за клубот, играме и за репрезентацијата. Затоа јас навистина немам воопшто време за себе и за одмор. Но, ракометот е мојот живот. Отсекогаш бев спортски тип, играв фудбал, одбојка и уште неколку други спортови. Сепак, овој спорт најмногу го сакам. А, кога постои љубов кон нешто, тогаш сè е полесно.


Вие сте новото заштитно лице на „Polleo sport“, соработка од која сте особено задоволен. Што значи да се биде амбасадор на ваков бренд?

Соработката почна пред неколку месеци, кога менаџерите на „Polleo Sport“ ме контактираа и ми понудија соработка, односно да бидам нивен амбасадор. Секако дека прифатив со големо задоволство затоа што овој бренд, од година во година, станува се подобар и поголем. Се работи за навистина одличен бренд. Нивните производи се врвни и мене како спортист особено ми помагаат.

Спортскиот живот значи и посебна исхрана и консумирање суплементи. Што Вие консумирате за одржување на енергијата и мускулната сила?

- Моите тренинзи се многу напорни. Освен редовната здрава исхрана, ги консумирам и производите на „Polleo Sport“ кои ми помагаат во враќањето на силата и од кои по тренинзите не се чувствувам уморно. Протеините, амино-енергетските напитоци, глутаминот и БЦА-протеините се производите кои најчесто ги користам, иако во својата палета имаат уште многу.


Спортот очигледно е Вашата судбина. Дали и по „пензионирањето“ како ракометар планирате да останете во оваа област, само на некоја друга позиција или имате сосема други планови?

Да бидам искрен, не сум размислувал премногу за тоа. Но, еден ден ќе дојде време и за тоа. Би сакал секако да останам во ракометот како тренер. Сега засега сум фокусиран на играта и сегашниот момент.

Имате ли други интереси освен спортот?

Целиот живот ми е спорт. Па, и кога не играм на терените најчесто правам некоја активност што повторно е поврзано со спортот. Инаку, сакам да читам книги и да играм „Playstation“.


Така го минувате слободното време?

Не. Најчесто го користам за одмор и за дружба со семејството и блиските пријатели.

На 24 години доживувате големи успеси. Како го прифаќате сето тоа? Дали настојувате да бидете уште подобар и со нозете цврсто на земја, што се вели или се случува популарноста некогаш да Ве понесе?

Навистина соновите ми се остваруваат. Особено во последниве две години кога ми се случија куп убави работи. Освоив многу награди, бев номиниран за најдобар спортист и сето тоа ми дава мотив да тренирам повеќе и да бидам на теренот уште подобар. Од друга страна, таа популарност ја прифаќам со нозе цврсто на земја и се трудам да останам скромен, каков и што бев. За тоа им се заблагодарувам на моите родители кои така ме воспитаа.


Кои моменти од овие четири години работа и живот во Македонија ќе ги паметите како особено значајни и зошто?

Македонија ќе ми остане во срцето цел живот. Тука прв пат почнав да играм професионален ракомет. Веќе четири години живеам во Скопје и од срце уживам. Доживеав преубави моменти, ама сепак ќе го издвојам оној кога ја освоивме шампионската титула и станавме Европски прваци. Еуфоријата на тие прекрасни луѓе кои не дочекаа во Скопје на плоштадот „Македонија“ само ни докажа колку голем успех постигнавме. И тоа ќе го паметам за цел живот.

Пишува: Гордана Настевска Манасијеска
Фото: Бојан Стоилковски
Облека: „Polleo Sport“
Локација: Спортски центар „Јане Сандански“ и хотел „Русија“ 


Кое е Вашето омилено јадење? Дали готвите со оглед на тоа дека многу млад сте го напуштиле домот?
Да. Многу млад заминав од дома. Ама пак не можам да се пофалам дека сум некој добар готвач (се смее). Знам да готвам, ама ништо посебно. Инаку, омиленото јадење ми е сарма.


Плејмејкерот од Огулин на својот клуб „Вардар“ му донесе историска победа со голот во последните четири секунди од натпреварот за Европски Шампион


Кај луѓето најмногу ми значи искреноста




Спонзорирани линкови

Маркетинг