Сања Савеска: Многу повеќе од само добар изглед

Точка

16/02/2018

12:55

22.709

Големина на фонт

а а а

Екипата на „Точка“ имаше чест прва во кадар да го „сефтоса“ новото студио на утринската програма „Македонија денес“, сместено во ТВ24. Таму, во убав амбиент, како и сите гости досега со широка насмевка не пречека уредничката и тв водителката Сања Савеска, клучниот лик во создавањето на оваа програм, која секое утро со интересна содржина ги забавува гледачите.

Долги години е во новинарската професија и може да се пофали со многу интервјуа со домашни и светски успешни личности и репортажи. Но, не зборувавме само за професијата. Сања сподели со нас многу нешта и од приватниот живот, за кои досега не зборувала во ниту еден медиум...  

Според неа тв водителот треба да биде секогаш за се добро информиран, да умее убаво да говори, да има правилен изговор на зборовите и да чита многу. – Луѓето сметаат дека за оваа работа е потребен само добар изглед и имиџ, па посегнуваат кон покривање на недостатоците. Затоа, на крајот сите се слични едни на други, со лоша дикција и недоволно подготвени за интервјуата. Уникатноста и природниот изглед, шармот, харизмата и знаењето ги покриваат сите недостатоци – ни го започна Сања разговорот. 


Во ново студио, со нов дизајн... ја продолжувате утринската емисија... Првите неколку часа од содржината што оди во етер се Ваша одговорност... кога треба да понудите интересни гости. Како изгледа создавањето на концептот за тој ден? Каков е Вашиот пристап во изборот на гости се со цел да ги задржите гледачите пред екраните?

Утринската програма е едно од поубавите нешта кои ми се случија и еден убав предизвик. А, новото студио нуди топол и пријатен амбиент во кој уживаме и јас и гостите додека разговараме. Создавањето емисија во траење од неколку часа е голем предизвик, зашто треба да е забавна, а не здодевна. Трката по интересни соговорници никогаш не запира. Емисијата ми е секогаш една седмица однашред подготвена, никогаш не ги оставам нештата за во последен момент. Со тоа му оставам простор на познатиот Марфи да ги вмеша прстите и ако се случи некој гостин да не дојде, барам замена во последен момент. И во нашата работа, колку и да изгледа лесна, има ситуации со многу адреналин. Знам дека никогаш нема да можам да ги задоволам сите вкусови, но барем се трудам да има различни содржини каде секој би нашол нешто што ќе го задржи пред тв екраните.

Уште од рано наутро треба да изгледате средени и дотерани од глава до пети, насмеани и кога не Ви е до тоа... Концентрирани и фокусирани на соговорникот и темата на која зборувате... Сепак, тв водителството не е лесно како што изгледа или?

За ранобудник како мене е и лесно. Работата ја завршувам до пладне и потоа пред мене е цел ден. Најтешко е токму тоа, гледачите да не дознаат дека некогаш не ми е до смеење. Подочниците ќе ги покрие шминката, гардеробата ќе помогне во изгледот, но сјајот во очите мора да го вратам сама, па се трудам секогаш кога ќе светне камерата да се исклучам од сè останато, затоа што мојата работа е да им внесам позитивна енергија на оние од другата страна. Но, фала му на Бога, тие денови се поретки, па најчесто пристигнувам во студио со широка насмевка и среќна што ќе разговарам со успешни и интересни соговорници.


Значи го уживате водителството и новинарството?

Да. Уживам и ја работам оваа работа со страст, затоа што сметам дека само така може да се успее. Без страст сè пропаѓа и се губи. Уживам зашто запознавам различни луѓе од кои секојдневно учам, затоа што сум сигурна дека со мене им почнува денот на многумина и успевам да им го разубавам.

Вашето новинарско патешествие го започнавте одамна... Како се одвиваше и развиваше?

Астрологијата вели дека и не можам да работам нешто друго, зашто планетите тоа го сакаат. Кога ќе погледнам наназад, уште од основно училиште пишував текстови, уредував училишни списанија. Во средно училиште барав начин како да почнам да работам во радио, па немав срам да се јавувам во сите радио станици и да прашувам дали им треба водител. Така и се најдов во Радио „Оаза“ во далечната 1995 година каде имав своја тричасовна радио емисија „Диско коцкичка“. Беа тоа убави денови: креативни и корисни за мене. Подоцна дојдоа и други проекти во медиумите и пред камерите, но, по долга пауза повторно дојдам во допир со водителството и мојата прва авторска ТВ емиисја „Топ Форма“.

Што Вие сфативте, спознавте и научивте за оваа професија од Вашето искуство, особено тука кај нас каде е потполно потценета, омаловажена и осакатена? Кои нешта треба да ги поседува еден новинар пред се како личност, индивидуа за да биде добар во својата професија?

Да живееме на друго место, овој одговор ќе беше сосема поинаков и во наша полза. Но, кај нас факт е дека новинарската професија е омаловажена од сите страни. Сепак, е работа која влегува „под кожа“. Новинарството е зависност, професија без работно време зашто секаде и во секое време може да се јави интересна приказна. Ако не живеете во таа вечна потрага, тогаш и не можете да бидете успешен во оваа работа. Новинарството пред сè значи храброст, почит кон соговорникот, истрајност и трпение.

Новинарот значи и добро информиран човек, сестран, со познавање на повеќе области, со интерес за различни уметности... Кои се Вашите интереси во овој контекст? Што се Ве интересира?

Театарот секогаш бил на првото место во однос на моите интереси. Магијата која ја доживувам таму ми е незаменлива. Можам и по неколку пати да гледам иста театарска претстава, со истиот интензитет на уживање.


Можете ли да споделите ли со нас некои интересни настани, случки, анегдоти или гости кои не се забораваат така лесно?

На почетокот ги броев гостите и емисиите, сега веќе немам евиденција. Имам само убави сеќавања од сите снимања и голем број анегдоти. Од гости со сигурност нема да го заборавам никогаш интервјуто со Новак Ѓоковиќ и средбата со него и неговиот тим, особено непосредноста на овој светски спортист. А, од анегтоти би ја издвоила потрагата по една личност од нашата естрада. Го добив телефонскиот број и кога се јавив, најкултурно се претставив која сум и кого барам, си направивме разговор и договоривме гостување за на крај од разговорот да ми каже дека не разговарам со личноста која ја барам.

Кој Ваш гостин Ви предизвика најмногу главоболки, а кој Ве насмеал до солзи?

Уффф... имаше многу главоболки и стресови со гостите, особено кога емисијата оди во живо. Но, се поминува, па на крајот си се смеам на маката сама на себе. 

Интересно е што во Вашата професионална биографија имате и неколку искуства како актерка. Уште од мали нозе бевте дел од актерска група, а подоцна и од неколку тв проекти... Раскажете нешто повеќе за нив, дали токму тоа Ве ослободи за пред камерите?

Погоре кажав дека театарот е на врвот на моите интереси. Отсекогаш ме фасцинираше актерската игра и креирањето на драмските ликови, па затоа и бев дел од актерската школа на Димче Мешковски - човек кој има огромна улога за она што сум денес. Самата проценив дека немам голем актерски талент и дека тоа не е професија во која би била среќна, па во последен момент ги избрав политичките науки и така завршив на Правниот факултет во Скопје. Но, пасивното актерство продолжи и глумев во неколку тв реклами, натсинхронизирав во цртани филмови како: „Покемон“, „Телетабиси“, „Фифи“, играв во видео спотови, имав куси улоги во македонски филмови како: „Џган“, „Исцелител“... И не толку заради желбата да ме има на екран, туку заради магијата која ја има на сетовите. Непроценливо искуство!

Шминката, фризурата и убавиот стајлинг е дел од Вашата професија... Дали тоа Ви е уживање или пак понекогаш и Ве изморува?

Внимавај што ќе посакаш е работата! Пред да започнам со тв емисија си велев: „Колку би било убаво некој секој ден да ме шминка, да ми ја средува косата... Беше вистинско уживање на почетокот кога на крајот на емисијата ми беше жал да ја избришам шминката (се смее). Сега веќе тоа е рутина во која сепак уживам. Тоа ме релаксира пред емисија.


Верна сте на едноставниот и елегантен изглед... Дали некогаш сте направиле некој мал експеримент, чисто од љубопитност или забава? И како тоа изгледаше?

Сакам да бидам своја и го носам она парче облека во кое ми е удобно. Затоа што во спротивно, станувам нервозна и затоа не експериментирам.

Самото излегување пред камера значи и добра форма на телото, негувано лице и коса... Што се Вие практикувате за да изгледате убаво?

Внимавам на исхраната колку што можам повеќе. Во последно време вежбам поретко, но, сум благодарна на гените.

Кои се нештата со кои Ви протекува денот откако ќе завршите со емисијата?

Семејството ми е на прво место. Внука ми е мојот центар на светот и сè се врти околу неа. Таа ми дава енергија и затоа со неа минувам многу време, исполнувајќи ѝ ги желбите.

Дали во она што го создавате имате поддршка од Вашето момче, Томи Камилоси, кој е неврохирург?

Подршката е најважниот дел во секоја врска. Тој не само што ми ја дава, туку честопати и самиот се вклучува во процесот на потрага по теми и соговорници. Многупати ми помогнал кога ми било најтешко и ми ги дал соодветните зборови на утеха и поддршка.


Каква е Вашата приказна? Каде се запознавте, кога... кои се нештата што ве поврзаа, со кои се надополнувате?

Се запознавме на еден настан на кој и двајцата бевме гости. Сосема случајно разменивме по некој збор, доволно да сфатиме дека имаме многу што си кажеме и така започна нашето дружење, кое од ден на ден беше сè поинтензивно. Освен работите што нè поврзуваа сфативме дека имаме и многу различности кои се чини направија да биде сè поинтересно.

Кои се Вашите соништа за професијата и интимниот живот? Што би сакале да остварите? Каде сакате да бидете?

Сонувам дека еден ден кај нас во Македонија емисиите кои третираат култура, уметност и начин на живеење ќе ги заменат политичките и дебатните емисии. Би сакала поблизок контакт со гледачите за да можам подобро и поблиску да ја почуствувам енергијата и на македонската публика да ѝ понудиме поголеми тв проекти. Во интимниот живот посакувам работите да си имаат свој природен тек и моментите на среќа да бидат што побројни.

Ве препознаваат ли во маркет, на улица, во лифт... Какви се коментарите?

Се случува да ме запрат и да поразговараат со мене за одредни теми. Често на пазар ме препознаваат, па добивам по некое овошје гратис (се смее). Особено среќна ме прави што добивам коментари за непосредниот начин на кој ја водам емисијата и искреноста која ја гледаат во мојата насмевка.

Како би се опишале себеси како личност? Мааните и доблестите?

Премногу емотивна. Тоа е најголема маана која ја имам и која ми штети во ова време кога луѓето сè повеќе сакаат да слушаат лаги, наместо вистини. А, јас сè си ставам на срце и типично за хороскопскиот знак Рак (во кој сум родена), знам да се затворам и оддалечам. Веројатно имам и други маани кои повеќе ги забележуваат моите блиски, но нема дрво без гранки, ниту жив човек без маани. За доблестите е подобро да кажат другите. Среќна сум што се уште стојам цврсто на земја.

На што трошите најголем дел од заработеното кога се во прашање задоволствата?

Како и секоја жена и јас секогаш немам што да облечам, па морам да си пруштам ново парче гардероба.


Што е полошо според Вас: да се доживее неуспех или да не се проба никогаш?
 Да не се проба никогаш!


Што е она што Ве прави поинаква од другите?
Никој нема ист ЕМБГ како мојот.


Што сте сакале отсекогаш да направите, а не сте имале храброст или не сте биле решителни?
Никогаш досега не собрав храброст да летнам со параглајдер.


За што сте најблагодарни?
За прекрасното семејство кое го имам.


Црвена или розова боја?
Бела.


Најдрагиот спомен од детството Ви е...?
Куклата Руби која денес е најомилена на мојата внука Матеја.


Рок или поп?
Рок.


Која мисла или емоција Ве води во тешките животни ситуации или искушенија?

Најтемно е пред изгрејсонце, сè што е потребно е трпение за да се извлечеме од мракот и да му се радуваме на сонцето.


Спомен од најраните денови


На 5 годишна возраст со мојата кукла Руби во рацете


Во разговор со Горан Бреговиќ, Белград 2014 година


Ме освои непосредноста на тенисерот Новак Ѓоковиќ, „Дејвис Куп“, Краљево


Внука ми Матеја е центар на мојот свет


На што последно најмногу се израдувавте? На веста дека ќе им се помогне на лицата со ретки болести и на херојот кого имав можност да го запознаам лично, малиот Јане Велковски.


Така јас како девојка која никогаш не сакала мотори, денес уживам во патувањата со мотор, а тој заедно со мене посетува театарски претстави


Секое лето со Томи избираме нова дестинација за патување




Спонзорирани линкови

Маркетинг