Маја Костовска: Единствено се плашам од стареење на душата

Точка

29/01/2018

13:32

10.826

Големина на фонт

а а а

Како и секогаш, и за оваа фотосесија и разговор договорот со неа одеше со леснотија. И целиот процес. Динамичноста и позитивноста во нејзината енергија ја „полнат“ просторијата, а кај присутните предизвикува ведра насмевка на лицето.

И не е само тоа. Таа е преубава. И сите овие доблести ги носи со скромност. Затоа е и една од најпочитуваните македонски манакенки.


Нејзините излегувања на модната писта остануваат запаметени, затоа што не се само чекорења, туку целосен перформанс, изведба се со цел најдобра презентација на модната линија. Тоа ја прави барана и меѓу модните креатори кај нас и иако веќе две години живее во Лувен, Белгија, сепак доаѓа често дома во Македонија и реализира многу соработки.

Заради професијата на нејзиниот сопруг Јован, кој игра во фудбалскиот клуб „Лувен“, Маја Костовска ја прифати новата средина во која сега вели дека ужива. Ја „начекавме“ во Скопје додека беше во посета на нејзините родители и ни раскажа за животот таму и за другите нешта кои го сочинуваат нејзиното секојдневие.


Во Новата година, со нова фризура... 

Се случи многу спонтано. Долго време размислував дали да си ја потстрижам косата, која ми е слаба точка и ја негувам долги години, ама бев се посигурна во тоа дека добро ќе ми дојде промена. Најважното е дека од фризерскиот салон излегов задоволна и добив супер коментари од најблиските.

Што друго ново имате на ум за годинава што не чека?

Веќе подолг период не планирам ништо. Така одлучив да биде и во иднина. Зашто кога се планира многу често не излегува онака како што сме сакале. Живеам за моментите и секако со одредени амбиции за иднината, и мали планови кои сакам да ми се реализираат. Втора година по ред, заедно со сопругот Јован славиме во домашна и опуштена атмосфера. Далеку од блиските празниците не се исти, но тоа што сме јас и тој заедно е доволно за да имаме еден убав почеток на годината.


Веќе три години живеете во Белгија и за разлика од почетоците кога Ви беше потешко, сега веќе го уживате новиот дом. Каков е квалитетот на времето таму наспроти она поминато во Македонија?

Времето си го прави своето. Така и јас, научив да уживам во Белгија. Мирот и културата таму се непроценливи, додека топлината на Македонија на која сум навикната постојано ме повикува да си навратам таму. Всушност пријателите и најблиските се тие кои ја прават разликата меѓу Македонија и Белгија. А, со нив можам да уживам каде и да сум. Тука во Белгија сум среќна и се радувам со човекот кој го сакам најмногу.


Го применувате ли полека тамошниот начин на размислување и функционирање или пак се „држите“ до македонското?

Нема особена промена во мојот начин на размислување. Сакам да откријам и применам квалитетни нешта, без разлика од кое поднебје доаѓаат. Ако принципите кои човек ги почитува се добри, тогаш не гледам потреба за промена. Негувам пријателства со луѓе кои со менталитетот се поблиски до нас, отколку до луѓето од Западна Европа. Имам пријателства и со Белгијци секако, иако се поретки.

Поседувате уникатна физичка и духовна убавина и автентичен смисол за хумор. Духовитоста е Ваша силна страна. Како ја негувате?

Благодарам. Не е ништо од книга. Хуморот ми е во гените. Го негуваме семејно со генерации. Растев во скромно семејство, каде покрај сите искушенија кои ни ги носеше животот, хуморот и добрата мисла беа единствената храна за душата. Го чувам тоа и уживам кога успевам да ги насмеам тие околу мене.


Иако живеете надвор од Македонија, се уште сте барана за ангажман на овдешните модни настани. Позитивната енергија што ја поседувате и отвореноста Ве прават неодолива... Се согласувате ли дека манекенстото не е само чекорење по писта?

Многумина мислеа дека се повлеков од модната сцена. Всушност, си дадов време и уживав во истото. Љубовта кон оваа професија остана иста. Се уште ја работам со задоволство. Многу луѓе од македонската модна сцена ме контактираат и успеваме да направиме договори кои секогаш се реализирале успешно. И да, манекенството не е само чекорење на писта. Можеби се издвоив од останатите заради мојата моќ на трансформација и заради тоа што комплиментите ги сфаќав како пофалба. Тие ме мотивираа, а не ми претставуваа предност и моќ.


Во сето тоа не Ве замати популарноста, туку останавте скромна и доследна на себе...

О да! Јас сум среќна личност и покрај сите падови и изненадувања што животот ги носи. Се радувам на вистинските нешта и затоа многу други ми се неважни. Примам и давам љубов, имам здраво семејство и опкружување... Што повеќе?!

Дали откако сте во брак се променија некои Ваши погледи на животот? 

Секоја година од животот носи нешто ново, така и бракот. Си донесе промени. Созреав и ги прифатив навиките и принципите на партнерот. Но, ништо од ова не е страшно затоа што покрај мене го имам вистинскиот човек. Без разлика на промените, длабоко во себе сум иста и го негувам она што ме прави своја.


Во неофицијалниот муабет споменавте дека ја сакате секоја брчка на Вашето лице... и дека тој став нема да се промени и во иднина. Па, како размислувате за убавината, стареењето...?

Каква промена и да се појави нема да ја доживеам чудно. Најмногу се плашам од стареење на душата. Се што е физички е пред се природно и нешто на кое делумно може да работиме. Брчките се веројатно доказ дека сме живееле емотивно, што е најважно од се!

Какво е Вашето секојдневие таму. Кои предности и убавини на тоа општество ги користите?

Деновите таму се сосема поинакви од оние кога сум во Скопје. Секое утро одам во едно преубаво кафуле во Лувен. Го сакам градот, затоа што е многу мирен и тивок. Културни луѓе, полни улици народ, а не се чувствува гужва, супер места за шопинг, ресторани со најразлична храна... Во вечерните часови, ако не сме во некое кафуле, тогаш сме на кино.


Фудбалската кариера на Јован може да значи и потенцијална миграција во друг клуб во иднина. Дали сте подготвени за уште една преселба во нова земја, во нова средина?

Прифаќам и сум подготвена на се. Полека, но сепак сфатив што значи неговата професија и дека е многу потешка отколку што мислев порано. Што ќе се случи понатаму не зависи од нас, ама секаде ќе бидеме заедно.


Зависна ли сте од ТВ серии?
Даааа. И од Јован.


А, од слатки?
Сакам слатки, ама сакам и луто.


Поп, аренби или рок?
Аренби.


Идол од тинејџерски денови?
Мора да бидам искрена: Бритни Спирс. Таа прва ми „паѓа“ на ум. Денес ниту станав пејачка, ниту можам да сфатам затоа што сум ја обожувала.


Њујорк, Рејкјавик или Дубаи?
Њујорк.


Во што верувате?
Верувам во тоа дека еден ден сите ние луѓето повеќе ќе се гледаме во очи и дека во мода ќе бидат искрени и ведри луѓе.


Што последно приготвивте од мерак?
Тавче гравче и салати од нашето поднебје.


Која мисла Ве води во животот и ве потсетува дека треба да продолжите напред?
Дека до мене имам многу сакани луѓе, со кои взаемно си даваме љубов, добра желба и позитивна енергија.


Брендирана облека или „на втора рака“?
Секаква.

Приспособлива сум и имам трпение да ги ислушам луѓето денес, кога ретко кој има време за тоа 


И јас сум човек од крв и месо, склона кон грешки и одредени маани како и сите. Тоа што останав доследна на себе е благодарение на мојот разум и начинот на кој ги гледам и почитувам луѓето околу мене


Уживам во музика, полна када со топла вода, добра ТВ серија или филм, вкусна храна, уметност...


На што последно се израдувавте најмногу?


На Божиќот поминат со семејството во Скопје. За жал, сопругот Јован не можеше да дојде заради професионални обврски.



Пишува: Гордана Настевска-Манасијеска
Фото: Бојан Стоилковски
Облека и стајлинг: модно атеље „Викторија Арсовска“
Шминка: Фросина Фран Ангеловска
Локација: „Рок Кафана Рустикана 2.0“



Спонзорирани линкови

Маркетинг