Во тату-светот на Блаже Атанасков: Мастило, чест и љубов

Точка

09/01/2018

12:01

11.772

Големина на фонт

а а а

Во кругот на овдешните љубители на тату-уметноста Блаже Атанасков е веќе етаблиран како еден од омилените. Неговото творештво го сочинуваат илјадници реалистични тетоважи, кои се скапоцен украс на кожата на многу негови клиенти.

На конвенцијата за тату артисти од регионот и пошироко што се одржа минатиот месец во Ријека, Хрватска, овој млад тату-артист освои две награди: прва за реалистична тетоважа и трета за слободно тетовирање. И заслужено...

Ѕирнавме во неговото студиото за тетовирање „Нејмлес тату“, кое го создаде заедно со неговата девојка Ирина Цоневска. Простор исполнет со уметност на сите страни, кој го одразува нивниот уметнички сензибилитет. Неговата смиреност е една од доблестите што ги посетува и која му е од голема помош во изработката на реалистичните тетоважи кои бараат многу време за реализација. Кроткоста на карактерот се чувствува и во комуникацијата. Не сака многу да зборува, но затоа во уметничкиот израз е жесток и квалитетен.

Девојка ми моја прва „тату-жртва“

Од многуте начини на тетовирање, реалистичниот пристап отсекогаш му бил омилен. Дури уште пред да почне да се занимава со оваа професија.

- Овој пристап на тетовирање бара големо трпение за разлика од другите, зашто одзема многу време за изработка. Освен тоа, треба да се поседува одлично познавање на анатомијата, со цел успешно да се прикажат фигуративните мотиви кои се многу чести, а треба и соодветен избор на боите и нијансите. Не е лесен пристап воопшто, но јас уживам во тоа – со насмевка ни раскажа Блаже, кој во оваа тату приказна влегол спонтано и непланирано, а негова прва „жртва“ била девојка му Ирина, која исто така е тату-мајстор и со која заедно го градат брендот „Нејмлес“ тату.

- Ќе бидам искрен и ќе откријам дека пред да се впуштам во оваа техника на тетовирање, имав одбивно мислење за неа. Сметав дека не може да се постигне задоволство или уметност во копирањето одреден шаблон. Но, по првиот обид сфатив дека реалистичниот начин на тетовирање е многу повеќе од тоа – додаде.

Академски поткован на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, основните работи за подготвување опрема и простор за работа ги научил токму од Ирина, а останатото од истражување на Интернет. Затоа и со насмевка изрази голема благодарност до првите 50-мина пријатели кои верувале во него и му дозволиле да создаде уметност на нивната кожа. Токму тоа, цртањето на нечија кожа значи дело кое таа личност ќе го носи на себе засекогаш. А, за тату артистот тоа е голема одговорност. На ова се надоврза и Блаже и сподели:

- Тетовирањето бара комуникација и разбирање на желбите на клиентите. Но, и обратно - клиентите мора да се запознаат со тоа што може да добијат од избраниот артист, за да може на крај сè да се заврши со меѓусебно задоволство.


Затоа и неговото секојдневие е преполно со интересни случки, па искоментира дека секој тату артист може да напише книга на оваа тема и ни раскажа:

- Првото лето откако почнав да тетовирам работев на туристички остров во студио за тетовирање, кое беше отворено 24 часа на ден. Понекогаш спиевме буквално на креветите за тетовирање, зашто не ретко се случуваше клиентите да не разбудат во 4 или 5 наутро за да ги тетовираме. За среќа секогаш бараа мали тетоважи, па се сè завршуваше добро.






Одбивам да тетовирам тренди тетоважи

Освен искуството како тату артист на неколку острови во Грција, имал можност да работи и во студија во Германија и Данска, каде се запознал со еден поинаков пристап кон оваа уметност, за што сподели:

- За разлика од кај нас таму опремата и материјалите кои се потребни за тетовирање се полесно достапни, а и тетовирањето како професија е многуууу подобро платена.

Како и надвор и кај нас вели Блаже клиентите имаат најразлични барања за тоа што ќе носат како дело на нивната кожа. Иако, искоментира дека за жал, овдешните клиенти често бараат мотиви кои следат одреден тренд од Интернет. Сепак, тој и покрај тоа настојува да изработи тетоважи со уникатни дизајни, иразботени од него или од Ирина.

А, за тоа дали жените се почести клиенти од мажите ни откри:

- Во моето искуство секогаш биле еднакво заинтересирани како и мажите.

Но, не се ретки открива и ситуациите кога одбива да изработи одредени тетоважи, па ни кажа:

- Многу често, одбивам да изработувам стилови на тетоважи за кои немам интерес или пак мотиви за кои сметам дека се премногу видени и користени. За да биде добро изработена тетоважата, артистот мора да има интерес и мотивација. Честа и погрешна постапка кај артистите е кога работат само за пари. Од тој момент престанува и напредувањето и квалитетот на тетоважите кои ги изработуваат. Јас тоа никогаш не го правам.


Неговото мото е дека треба да се ужива во она што го работиме и да се биде максимално креативно вложен. Неговото секојдневие најчесто го минува во „Нејмлес“ студиото, кое го дели со девојка му Ирина. Скоро сите денови се заедно 24 часа.

- Кога си со некој по цел ден, сосема е нормално да си најдеме замерка. Сепак, во работниот однос мислам дека не би функционирал подобро со било кој друг. Одлично се надополнуваме со Ирина.

Кога не е во студиото шеговито ни откри дека ги учи напамет сите епизоди од ТВ серијата „Пријатели“. Понекогаш слика и како горд Кавадарец не избегнува кафеани.

- А, да уште ова: планирам да почнам да спортувам од следниот понеделник – додаде повторно на шега.

Не го очекувал дека дома ќе се врати со 1-ва награда, зашто пред се на ваквите настани оди со желба за добра дружба и остварување нови контакти



Нејмлес тату студиото го создадовме заедно со Ирина, со која се надополнуваме во однос на артистичкиот израз. Тоа е нашиот начин за да ги задоволиме различните вкусови на нашите клиенти. Ирина е посветена на линиски, геометриски, нео-традиционални и таканаречени водени тетоважи. Се сеќавам кога ѝ пишав на „Фејсбук“: здр асл плс :)

Хип хоп ми е омилен музички жанр, затоа и мојот стил на облекување е во тој стил 


Сите елементи потребни за реализирање тетоважа



Неговата уметност и на раката на новинарката на Точка. Кругот како симбол на менливоста и совршенството


Неколку тату-дела на Блаже 




Никогаш нема да го заборавам стравот што го чувствував во првите неколку месеци откако почнав да тетовирам. Рацете ми се тресеа пред секое почнување стравувајќи да не направам грешка. Со текот на времето, како и во секоја работа, сè си дојде на свое место


Пишува: Гордана Настевска Манасијеска
Фото: Бојан Стоилковски
Локација: „Нејмлес“ тату студио



Спонзорирани линкови

Маркетинг