Марјан Ѓорѓиевски и Жарко Димитриоски: Ќе се потрудиме да бидеме доволно добри за и овој пат да бидеме прв избор на нашата публика

Точка

10/10/2017

10:01

3.892

Големина на фонт

а а а

Повеќе од 200 епизоди и околу 250 гостувања ја испишуваат историјата на најгледаното ток-шоу во земјата. Жаре и тимот на „Еден на Еден“ се враќаат на „Телма“ во нов термин – секоја недела во 20:30 часот. Повеќе за новата сезона и новите членови на тимот, дознајте од интервјуто во продолжение.

1. Нова сезона, засилување на тимот, видовме и дека сте во ново студио. Одличен почеток за нова сезона. Што да очекуваме од сезона 9?

Жаре: Не знаеме ни ние што да очекуваме! Има доста нови засилувања во тимот, ново студио, нови цели, нова ера... Нов термин имаме плус – недела вечер во 20 и 30 на Телма. Ќе се потрудиме да бидеме доволно добри за и овој пат да бидеме прв избор на нашата публика. Долго време го правиме ова, рутински минуваме низ процесот, годинава ќе се обидеме и малку повеќе да се забавуваме ние самите.


2. Во која насока би сакал да ја промениш емисијата оваа нова сезона?

Жаре: Уште малку повеќе да созрее, да си го рафинира својот идентитет. Сакам да им оставам и повеќе простор на останатите во тимот. Сите се тие супер момци и девојки кои и те како имаат што да покажат, вклучувајќи и разни зезанции пред камера. Не би менувал премногу, сакам само ние да се чувствуваме супер одејќи накај студио и ништо повеќе.

3. Можеби да ни откриете некои од гостите што ќе бидат оваа сезона во „Еден на Еден“?

Жаре: Откако и мене ми ги откријат! Не ме држат нешто многу запознаен со процесот, и јас дознавам кој е гостин во 5 до 12. Генерално се комуницира со секој кој има нешто поголемо за промоција во овој период, а знам дека има и муабети со пар луѓе кои немале досега гостувано во шоуто, а се доста популарни... Од тие малкуте такви преостанат.

4. Како дојде до соработката со Марјан? Се знаете одамна, имате соработувано или?

Жаре: Се знаеме одамна, сме се дружеле секогаш кога сме имале можност, Марјан е супер човек и ми е многу мило што влегува во семејството! Се запознавме кога почнуваше со стенд ап и кога нашата маркетинг агенција ги организираше Балкан Стенд-Ап фестивалите. Многу брзо се спријателивме, јас сакам да јадам, тој сака да готви, вистински “bromance”!

5. Дел од засилувањето на тимот, секоја емисија по еден стенд-ап од тебе. Што се случи со видета на YouTube? Тоа го оставаш во позадина засега?

Марјан: Некако со екипата на “Еден на Еден” се дружиме повеќе години, професионално се занимаваат, пратат светски трендови, отворени се и знаат да го фатат “духот на времето”. Добро е да напредуваме заедно, кај нас многу тешко можеш да создадеш екипа што ќе работи за ваков производ, тоа е една силна причина да се фокусираме на “Еден на еден”, а видеaта сега за сега се во “мирување”. 


6. Каде може да го види публиката Марјан освен во „Еден на Еден“? 

Марјан: Во Народен театар Битола, скоро секоја вечер, имам повеќе претстави на репертоар и освен она што е време посветено на семејството, останатото време го поминувам во театар, пишување на материјали за стенд-ап, еве сега дел од времето оди за “Еден на Еден“. Освен на театарската сцена, имам стенд-ап настапи низ градовите, настапувам секаде, по локални кафулиња, барови, кафани, плоштади и секаде каде што може да се собереме и да си се смееме за вистината што ја живееме. 

7. Зошто стенд-ап? Инаку дипломиран актер, многу успешен во тоа што го работи. Што те натера да „забегаш“ во креативниот дел на глумата? 

Марјан: Стенд-ап комедијата на некој начин дојде како последица на моето барање за да комуницирам со публиката. 

Актерот не го замислувам како изведувач што е затворен во четирите ѕида во театар, актерот е перформер, тој треба да игра на живот и смрт, да не е комфорен, затоа не сакам по секоја цена да работам нешто кое од првиот ден знаеш како ќе заврши.

Да зборувам за се она што не опкружува, што не боли до желудник и тоа да се шегувам со “ забранетите ” работи?? Е затоа со СТЕНД-АП.

8. Како дојде до соработка со Жаре? Каде се запознавте? Што ви текна баш Марјан со свој стенд-ап момент да ја зачини емисијата во новата сезона? 

Марјан: Ова – „Каде се запознавте?“ , ми дојде како јас и Жаре да сме во врска и сега следи прашањето- Каде се запознавте?

Не се сеќавам точно каде. Целата комуникација започна со Балкан фест, мислам дека тука беа првите договори, разговори, сите планови како да се развиваме заедно, зашто тогаш почнував и јас со стендап комедијата која како култура претходно од овој вид не беше застапена. Собравме на фестивалот и повеќе од 2000 луѓе, некогаш ќе напишев нешто кое му го испраќав на Жаре за да го вметне во сценариото за емисијата. На некој начин многу долго опстои оваа конекција. Сите овие години си дававме ветер во грб.


9. Која е разликата помеѓу скопскиот и битолскиот хумор? 

Марјан: А постои и скопски хумор? Ова морав...

10. На радио врти реклама дека сте втора најгледана емисија, која е тогаш првата? 

Жаре: Има голема конкуренција. Не можевме да одлучиме која е број 1, ама ние сме дефинитивно број 2. Има логика? Нема? Па добро, многу работи немаат логика... 

11. И двајцата се зезате на сметка на познатите. Кој се покажал како најголем лутач? Или, пак, кој најдобро знае да прифати шега?

Марјан: Избегнувам комуникација со познати фаци, ваљда ме мразат... 

Или што би рекле- „Е не мораше баш тоа за мене да кажеш.“

Жаре: Александар Маленко е шампион. Васко Ефтов исто не се лути. Се е ок се додека се шегуваш на негова сметка и не му ги чепкаш гостите. Таму немој, веднаш ти е скаран! Лутковци има доста...



Спонзорирани линкови

Маркетинг