Викторија Лоба: Со Ѓорѓи сме различни, ама складни

Точка

10/10/2017

13:45

45.403

Големина на фонт

а а а

Неколку месечната пауза од музичката сцена, на една од најсексапилните македонски поп пејачки, Викторија Лоба (28), и тоа како ѝ била добредојдена. На јавноста таа ѝ се врати освежена и музички и енергетски, со видео спотот за песната „Дојди“ која во моментов е на врвот на македонските топ листи и полека го добива статусот на хит.

Во тој период на „одмор“ била посветена на приватните обврски, меѓу кои уредувањето на ново-купениот стан во кој денес живее со нејзиното момче, бизнисменот Ѓорѓи Калешов. Таму и не пречека за овој разговор и фотосесија, отварајќи ги сите врати и зборувајќи за новите моменти во нејзината музичка кариера.


Луда забава и во вистинскиот живот

Почетокот на видео записот е снимен токму во нејзината спална соба, а останатите кадри се правени на повеќе локации низ градот Скопје. Среќна е што песната ја прифаќаат сè поголем број луѓе. Видео спотот има одлични критики и се најде во етерот на најпознатите балкански музички телевизии како „Балканика“ и „МТВ Адриа“.

- Кога го правевме сценариото режисерот Огнен Шапковски ни беше на гости и заедно размислувавме и се договоривме да има во видеото и возење со автомбил. Зошто? И јас, а и моите блиски другарки Росана и Нина кои се во музичкиот спот, сакавме да ја доловиме атмосферата кога ние се забавуваме. Ама, едно е важно - никогаш не возиме толку брзо и не пиеме алкохол – смеејќи се ни кажа Викторија.


Кога веќе ги спомена излегувања низ градот, ни појасни дека вечерните не се чести освен ако се работи за професионален настап. Бидејќи нема стандардно работно време, откри дека наутро спие малку подолго па со насмевка додаде: - Во 9 часот е моето природно будење, а тоа не значи дека сум спанка. За нас уметниците ноќта ни служи за размислување и за работа на музиката и композициите. Вообичаените работни денови за повеќето луѓе, за мене се еден вид викенд, а викендите ми се работни и ги поминувам во студиото на мојот продуцент Роберт Билбилов. Заедно работиме на песните и креативните решенија за истите. Можеби за многумина тоа изгледа како губење на време, но за нас музичарите тие мигови во студио се клучни во творењето –.


По малото затишје во кариерата, Викторија вели дека сега се чувствува полна со енергија и подготвена за реализирање на новите предизвици. Песната „Дојди“ (музика на Роберт Билбилов, а нејзин текст), е само почеток на нов дел од неа, нова етапа.

- За разлика од порано, сега се чувствувам музички многу посозреана и точно знам што сакам. Каква музика сакам да имам, каков текст сакам да напишам и да испеам. Ја сакам ултра -модерната електронска музика, но мислам дека во Македонија сè уште тој вид музика не може да се понуди комплетно, па затоа ја прилагодувам со македонски стил на пеење каде има повеќе поп. Но, следните песни што ги подготвувам ќе звучат многу помодерно од „Дојди“, која е продолжение на мојата песна „Волку, волку“ – сподели таа.


Изминатите години на сцената ѝ биле значајно искуство, кога научила многу нешта, особено тоа со кои луѓе сака да соработува и каква музика сака да создава. Ги знае сите географски точки во земјава, зашто како што вели: „Нема каде не сум пеела, нема град, место каде не сум гостувала“, и секаде оставала добар впечаток и има се поголем број фанови.

- Токму таа позитивна повратна реакција од публиката ми дава сила да се трудам повеќе, да бидам поквалитетна, да им донесам празник на душа. Сакам и балади, но, повеќе преферирам брзи, весели песни, со кои ќе предизвикам позитивна еуфорија кај слушателите – ни кажа.


Следната година, на пролет, ќе биде објавен и нејзиниот нов албум, на кој перидов работи интензивно. Го најавува како убав, компактен албум, со песни кои внимателно ги избрала и повеќе ремикси.


Јога за мојот темперамент 

Денот го користи за завршување на секојдневните обврски меѓу кои се пазарувањето, грижата околу домот и готвењето ручек... а, потоа го „тера“ дневното кафе со некоја од пријателките.

- Ручекот и мене и на Ѓорѓи ни е особено значаен и затоа секој ден заедно го поминуваме, без разлика дали јас ќе зготвам нешто или пак ќе отидеме во некој локален ресторан. Но е интересно што кога сум дома готвам исклучително здрави јадења, како риба, варива, супи и чорби, а кога сме излезени обожувам да ѝ се препуштам на таканаречената „брза храна“, односно превкусните хамбургери и помфрит – повторно смеејќи се ни откри и додаде: - Се додека ме собира во конфекциската големина икс-ес (xs), се ми е дозволено. Но, знам да подготвам повеќе разновидни специјалитети како: македонска турлитава. Грав не знам да готвам, но сум учествувала во подготвување ајвар, со печење и лупење пиперки во дворот на една моја другарка. Беше многу убаво искуство за мене. Особено на крајот кога го испробавме подготвениот ајвар со топло лепче и сиренце. Знам да готвам и руски јадења, особено чорбата Боршч со рамстек, омилениот специјалитет на мажите во Русија -.


Иако со исклучително вита става, својот изглед не го остава на случајноста, туку постојано е физички активна на различни начини, па кога е во Скопје џогира покрај кејот на реката Вардар, посетува теретана и јога центар, а кога е во Охрид или на друга приморска локација обожува да плива.


- Многу сум темпераментна како карактер па се одлучив за јогата како дисциплина, која ќе ми помогне во одржувањето на енергетскиот баланс. Сè уште ја учам и ја откривам, но се надевам дека наскоро ќе стане моја редовна практика – сподели Викторија.


Како и во кариерата, така и во нејзиниот личен свет, Викторија ни кажа дека станува се посигурна во себе и затоа за неа сè она што ќе го посака е возможно и остварливо.

- Убаво велат дека ништо не е невозможно, само што за навидум невозможното треба само малку повеќе време и фокус. И јас се согласувам со тоа. Во моментов одам кон тоа -.

- Со Ѓорѓи ги посетуваме скоро сите изложби во градот. Ја сакаме уметноста. Особено онаа на нашите сликари. Затоа и на нашата маса стои и монографијата на сликарот Глигор Чемерски, од чија уметност се воодушевуваме одново и одново


Отсекогаш била отворена за сите нејзини обожуватели, прифаќајќи ги барањата за заедничко фотографирање, автограм или разговор. Дури вели дека ужива во тие комуникации. – Сите имаат убав збор да кажат. Никој никогаш не се понел недолично со мене, и затоа немам отпор кон луѓето. Сакам да се дружам со нив – ни кажа Викторија, која низ годиниве наназад, успевала да го зачува приватниот и љубовен живот само за себе, далеку од медиумите, за што и додаде:

- Нештата од куќата, треба да останат во куќата. Така ме учеше дедо ми. И јас го почитувам тој негов скапоцен совет, без разлика дали имаме партнер или не.


Има многу соништа и мечти. Ни откри една од нив која сака да го реализира во блиска иднина, а тоа е голем концерт под отворено небо каде ќе пее со другите колеги од естрадата и каде нема да се наплаќаат карти.

- Меѓу другото сакам чист воздух во Скопје за да живееме во здрава средина и да имаме здрави генерации – додаде на крајот Викторија, која својот 29-ти роденден ќе го прослави на 15-ти октомври, во Скопје, на концертот на светската музичка ѕвезда Стинг, иако е родена на 17-ти.

- Самоварот ни е подарок од еден наш драг пријател од Москва. Првично му беше подарен на Ѓорѓи, но ете излезе дека јас повеќе го користам (се смее). Скоро секој ден си подготвувам во него руски чај



- Како дете, додека живеев во Таганрок, Русија (родниот град на Чехов), си играв со матријошките, кои тука ги нарекуваат бабушки. И затоа си ги чувам во дневната соба, како еден убав спомен


- Често патувам во родниот град во Русија и во Москва, а се надевам следната година ќе го посетам и Санкт Петерсбург. Но, сепак Македонија останува моја земја. Таа е моето омилено тло, каде се пронајдов и каде ме почитуваат

- Уште додека бев дел од составот „Тумбао салса бенд“, првото нешто на кое ме научи фронтменот Петар Ренџов е пред настап сама да си ја наместам опремата за пеење: микрофонот, миксетата... и сум му благодарна. Јас сум една од ретките пејачки тука која (нема потреба од запирки кога “која” се однесува на “ретките пејачки” – се сече мислата) сама се грижи за тој технички момент. Микрофонот кој го купив скапо си го нарекувам „моето бебе“ и ми е особено важен во настапите, знам дека мојот вокал секогаш звучи одлично


- Една од моите омилени дневни активности е хранењето и дружбата со маалските кучиња во центарот на Скопје, каде и живеам. Доле, во дворот од мојата зграда живее едно прекрасно куче кое е наш чувар и кое ги лае сите станари, само мене и Ѓорѓи не, оти го храниме секој ден


На мои 17 години играв во претставата "Лолита" која се играше во Драмски театар, ја играв главната улога стоејќи на иста сцена со Микиќ, Тасевски и други одлични актери. Меѓу тоа не продолжив со глумата, веројатно музиката е мојата судбина која јас најмногу ја посакував за себе, затоа и продолжив да вложувам труд за да успеам на тоа поле. Поголемиот дел од детството го поминав во детско драмско студио на Магдалена Ризова Черних, тоа искуство ми донесе многу пријатели и самодоверба во однос на чувството на сцена.

- Првиот училишен ден во Русија. Имав само 7 години. До таа фотографија ја чувам и иконата подарок од Отец Дејан



- Долг период сама бев менаџер и сама се грижев за сè во однос на мојата кариера. Но, од скоро менаџерската улога ја превзеде Миодраг Константинов, особено амбициозен, професионален и пријатен човек. Тоа многу ми олеснува и ми дава слобода да се посветам само на музиката, иако јас секогаш што се вели „му се мешам во штипки“. Таква сум. Сакам сè да биде совршено. Некогаш сум ситничар, но, секогаш кога ќе сугерирам има добар резултат, па одлучно продолжувам со таа навика (се смее)


- Убавината на една жената според мене е во природниот изглед и спонтано однесување. За да биде жената убава мора да се сака себе си, да се грижи за својата кожа, тело и да внимава на своето однесување. Нељубезноста и надменоста ја уништуваат женската енергија. Внатрешната убавина ја негувам со љубов кон себе и околината, а за надворешната се грижат моите верни соработници


- Каде и да патувам си купувам парфем, па во својата колекција имам неколку прекрасни, кои ги користам во зависност од пригодата


- Валентино е еден од моите омилени модни креатори. Не можев да одолеам на овој пар чевли со уникатен дизајн. 



-Ме фасцинира и субтилниот дизајн на „Луи Витон“, со мал детаљ на задниот дел. Овие чевли си ги купив во Венеција

- По завршувањето на обврските ѝ се посветувам на книгата во удобна, лежерна домашна атмосфера


- Со Ѓорѓи се запознавме пред пет години. Тогаш „пролета искра“ меѓу нас. Сега се надополнуваме. Ние сме како јин и јанг. Потполно различни, а сложни. Од мене тој ја учи смиреноста, а јас од него амбициозноста. Најубаво летување ми било на Крф, првиот одмор со Ѓорѓи, а зимување на Копаоник со одлично друштво и многу скијање.


- Покрај ѕвездата на левата рака, на стапалото од десната нога имам тетоважа на птицата и името на римската божица на слободата Ника


- Една од поубавите нешта кои ми се случија годинава е соработката со модната куќа „Сара Фешн“ и сум на многу билборди низ градовите во Македонија. Воопшто не се чувствував непријатно заради снимањето во долна облека. Исто е како и да носам костим за капење. Фотографиите се полни со сензуалност и елеганција

Пишува: Гордана Настевска-Манасиевска

Фото: Ивана Дракулевска

*екстра

Со продуцентот Роберт Билбилов и режисерот на видео спотот Огнен Шапковски

Со момчето Ѓорѓи Калешов



Спонзорирани линкови

Маркетинг