Дионис Пашлаков: Тука ми е душата, царството... тука сум смирен

Точка

03/10/2017

11:07

25.233

Големина на фонт

а а а

Скромниот наставник по биологија од Неготино, својата популарност ја доживеа на 71 година. Заради својата страст и љубов кон автомобилите олдтајмери, тој е главен лик во документарниот филм "Avec L’Amour" во режија на Илија Цветковски, кој во моментов игра во македонските кино сали

На повеќе од 2000 метри квадратни на висорамнина над Неготино е сместен плацот на Дионис Пашлаков, каде се наоѓаат неговите 110 олдтајмери - колекција создавана цели 25 години. Веќе 9-та година, ова парче земја е и негов дом, каде преспива, само за да може да ги чува автомобилите.


Таму има уникатни возила: повеќе видови "Рено", "Форд", "Цитроен", "Опел", "Трабант", "Диана", "Симка"... "Мерцедес". Дел од нив се реставрирани и сместени во објект од 200 метри квадратни, кој самиот го градел, а дел од нив се уште стојат на отворено. Има возила од 50-тите, 60-тите и 70-тите години од минатиот век.  

Неговата желба е да дојде до 111-тото возило, и е во потрага "БеЕмВе", кое ќе биде и прво во неговата колекција.

Сите си ги сакам

Секој автомобил во неговиот музеј, вели Дионис, го познава до најмалиот штраф. Секој носи своја приказна за тоа каде е произведен, кој го возел, каде е пронајден... и како е реставриран. Затоа и не замоли да не му го поставуваме прашањето кое сите му го поставуваат, а тоа е: Има ли најдраг автомобил...


Сите ги сакам – вели тој и додадава: - Тоа е исто како и со децата... Не можете ниту едно да сакате повеќе. Туку сите исто. Така е и кога ќе ме прашаат колку пари сум потрошил за купување на автомобилите и колку пари ќе земам ако ги продадам. Сите ги интересира материјалното. А, тоа во мојот случај е потполно неважно. Важна е колекцијата и нејзината естетска вредност.

Секое утро му почнува исто, си тура малку ракиичка и ужива во убавината на автомобилите. Некогаш пак, ни откри, седи во некој од нив и со часови, анализирајќи и воодушевувајќи му се на дизајнот. Тие што се заштитени и сместени во затворениот дел се наредени хронолошки, според годините на производство, се со цел да се прикаже еволуцијата на дизајнот на автомобилите во минатиот век. И сите се во возна состојба. Најмалку два пати годишно Дионис ги вози, за да се одржи моторот и другите делови, да не кондензираат и рѓосаат, а за да ги стартува годишно троши и по стотина литри бензин .

Во колекцијата има и 62 мотоцикли, дел сместени во затворениот музеј, дел надвор, под стреа. Бидејќи има недостаток повикува на помош и од локалните власти и секој што ќе има слух за одржување на овој музеј и негово проширување, односно изградба на објект со соодветни услови во кои ќе се сместат сите автомобили и ќе се создаде музеј атракција. 



- Навистина не се во прашање големи средства за изградба на овој објект. Побарав помош од локалните власти, но, немаше никаков одзив, а бев одбиен и од претходното од Минстерството за култура. Доволни се 400 метри квадратни, каде ќе се сместат 35 олдтајмери, импозантен број за македонски колекционер ...

Дел од плацот ќе му биде одземен и за изградба на обиколницата, што ќе му предизвика голем проблем поради недостаток на место на кое би ги поставил автомобилите кои сега се лоцирани таму. Одземен му е и уште еден дел од плацот поради изградба на помал пат, па загрижено ни кажа дека го стеснуваат од сите страни, а тоа е вистински проблем кога се чуваат вакви автомобили. 

Не се откажав од сонот

Оваа негова страст ја открил во себе уште како дете, кога бил фасциниран од дизајнот на една "Шкода – Олимпија", која тогаш служела како возило за Брза помош.

- Одев кришум од моите родители за да ја набљудувам. Многу ми беше интересен тој автомобил, но, во исто време ми беше страв и срам некој да не ме забележи. Така беше порано. Но, во студентските денови и подоцна, растргнат со обврските на училиште, таа моја страст кон возилата ја тргнав на страна, се до пред 25 години кога одлучив да си направам конечно своја колекција – ни раскажа Дионис.


Жали што не ги задржал првите автомобили што ги купил и ни раскажа: - Сопругата ме искара дека и' собирам ѓубре по дворот и ги продадов. Еден месец боледував и оттогаш си ветив дека она што ќе го купам никогаш нема да го продадам .


И денес доаѓаат луѓе и му бараат делови... Но, тој децидно им вели дека нема да даде ниту еден штраф, зашто сето тоа го собирал за да му остане, а не за да тргува. Оваа колекција, нагласи тој, која ја собирал макотрпно откажувајќи се од многу нешта во животот, им припаѓа на сите македонци. 

- На работа не купував ни ѓеврек за доручек, штедев за да ги купам овие автомобили. Сите ми се смееја и ми велеа дека трошам пари и енергија на ‘рѓосани канти. Ме тераа да ги продадам и ми велеа дека е подобро да си купам еден нов автомобил и да го возам, отколку да чувам железа кои не се во возна состојба. Но, тоа е девизата на просечниот човек и со тоа никогаш не се согласив. Олдтајмерите ми се љубов и страст, и горд сум што никогаш не се откажав од сонот иако ова што сега го имам е само 10 отсто од она што планирав да го создадам како колекција.


Во долниот дел на плацот се наоѓаат многу нереставрирани возила, кои никој не ги забележува. Токму таму има има и неколку историски возила, меѓу кои "Опел Капитен", кој му припаѓал на Лазар Колишевски. Има "Олимпија" која служела како Брза помош во Ресен... Дури имал и случка со еден новинар кој му рекол дека ова не е музеј и дека вакви автомобили може да најде и на канта-пазарот.

- Но, тој не сфаќа дека токму оттаму, од старите навидум „канти“ автомобили, кои стојат надвор, „доаѓаат“ и реставрираните, кои се во музејот. Не постои олдтајмер кој е фабрички зачуван. Тие мора да се реставрираат, поправаат, уредуваат... и одржуваат, а тоа не е воопшто мала работа – сподели Дионис.


Ужива во процесот на реставрирање. Се вложува целосно зашто за него тоа е фасцинантен креативен процес. Така и емотивно се поврза со автомобилите. Понекогаш му помагаат и тројцата синови: Никола, Димитар и Кирил. Најмалиот најмногу. Затоа и сака оваа колекција да остане во негово наследство.

Но, неговиот интерес не запира само кај олдтајмертите. Долги години се занимавал со макетарство и изработувал макети на авиони, телеграфист, посетувал курс за пилот, снимал документарни филмови за штетноста на цигарите и дрогата... и зборува англиски, француски и влашки јазик (бидејќи по потекло е влав од Мегленскиот дел на Македонија. Оттаму потекнува и неговото име Дионис).

- Од левата страна е и колекцијата на стари радио апарати, кои ги собирал со години и од кои дел се уште функционираат 


- Двајца англичани во 70-тите години секое лето патувале за Грција на летен одмор и сосема случајно се запознале со еден возач на автобус од Неготино, кој им предложил да им го причувува автомобилот додека се во Англија, за да не возат долго до дома, а следната година да пристигнат со авион до Македонија и оттука да си го земат авотмобилот и да продолжат за Грција на одмор. Се согласиле и така патувале две години. Но, третата година двајцата починале и автомобилот останал кај возачот, а потоа бил запленет од судот, а потоа повторно му го вратиле па возачот го чувал цели 15 години. Јас го откупив пред неколку години. Особено удобно возило со волан на левата страна и врати кои се затвораат само со еден прст.


- „Бубата„ подарок од неговите ученици по повод пензионирањето на Дионис во 2012 година. – Ми донесеа на час украсна картонска кутија, во која имаше помала кутија, а во помалата уште помала и на крајот и во неа најмала. Кога ја отворив видов клуч за авотмобил. Ми рекоа да погледна низ прозорот. Во училишниот двор беше паркирана „Воксфаген“ - „Буба“ сета завиткана во црвена украсна панделка. Ме расплакаа – ни кажа Дионис. Учениците ја купиле за 5000 денари, немала мотор и уште неколку други делови. Но, тука бил и предизвикот. Го замолиле да ја поправи за само шест месеци и со неа да дојде на прославата на нивната матурска забава. Така и биднало. Шест месеци Дионис го поправал возилото и на нивната матурска прослава пристигнал со „Бубата“. 


 - Меѓу автомобилите и мотоциклите на ѕидот во музејот стои прикачена и едрилицата произведена во Вршац, 60-тите години. Го купил од аеродромот во Прилеп во многу лоша состојба, но, подоцна го реставрирал.


- Додека траела војната во Босна, кога сите врски на комуникација биле прекинати, единствен начин на комуникација со луѓето оттаму бил преку радио врска. Дионис им помогнал на многу семејства да си ги слушнат роднините во Сараево и другите градови во Босна. За сиот труд и обуките на млади луѓе добил и благодарница ...


- Кога е послободна неговата сопруга и нема ангажмани околу подготвувањето свечени торти, престојува на плацот и го дружи Дионис 


Пишува: Гордана Настевска-Манасиевска
Фото: Ивана Дракулевска



Спонзорирани линкови

Маркетинг