Од дело на Петар Муличковски до барокен "бункер" за поранешниот премиер - дали Владата ќе го врати оригиналниот изглед?

Дали комплексот на Владата ќе остане во барок, ќе добие нов изглед или ќе се врати старото решение на доајенот на македонската архитектура Петар Муличковски? За архитектите критичари на „Скопје 2014“ неопходно е процесот на уривање да започне веднаш и токму од Владата. "Ниедна пара и ниеден напор не е презголемен за на бисерите на културното архитектонско наследство да им се врати првобитниот изглед.", вели професорот Мирослав Грчев. За екс премиерот Груевски безбедноста била прашање од највисок приоритет, со непробојни прозорци, други специјални заштити и посебни снабдувачи со кислород за кабинетот. Новиот владин состав на "Илинденска" број 2 ги отвори портите за граѓаните. Сега одблиску може да се видат и барокните лампи во дворот, столбовите и терасите, кои во владеењето на Груевски беа "забранета зона". Според базата на БИРН, новото руво на Владата заедно со оградата чинело 17 милиони евра државни пари, пишува Славица Филиповска. Владината фасада треба да биде прва, а списокот потоа треба да се проширува, смета професорот Мирослав Грчев. Тој професорската катедра на Архитектонскиот факултет ја наследи од авторот на идејното решение на првата владина зграда - Петар Муличковски, и смета дека на креаторот му е нанесено крајно понижување. "Одвратно, навредливо, варварско сквернавење на едно авторско дело кое има вредност од национални размери. Повреда на ниво на архитектот, не само на авторските права, туку упад не само во авторските права, меѓутоа повреда на нешто што е свето, нешто што е признаена вредност, на дострел архитектонски којшто општеството веќе го признало.", вели Грчев. Муличковски, кому староста му донесе и нарушување на здравјето, се повлече од јавноста. Сепак, во медиумските архиви остануваат неговите изјави. "Не се согласувам, па нема смисла да се менува зградата во некој барокен стил. Видете, таа зграда е, по мое, како автор е ремек дело направена, затоа што тогаш беше оценета од жири-комисијата. Беше дадена на конкурс, врвни стручњаци од Загреб, Љубљански Универзитет и Белградски Универзитет, ја оценија да таа треба да се прифати и да се гради таква зграда, која рекоа дека е и со право на изведба на авторот. Така јас добив прва награда и тоа е за првпат како да ви кажам, доделена е на еден конкурс една награда во која се вели дека се доделува прва награда со право на избор на авгторот, тоа е прв случај да ми се даде да ја изведам.", велеше архитектот Петар Муличковски, кој го проектираше комплексот каде се наоѓа Владата на Република Македонија. Сепак, и покрај противењата на авторот, барокот ги покри коцките. Како пркос, останаа скандирањата "Ружна ви е Владата" на протестите во изминатиов период. Но, фасадата не била доволна за апетитите на поранешната власт. Освен луксузирањето со чуден вкус за кој дознавме деновиве, впечатливи се специјалните безбедносни системи инсталирани во и околу премиерскиот кабинет. Тие неколку простории се направени да функционираат како посебна капсула во рамките на владината зграда. Кабинетот на премиерот е обвиен со непробојно стакло. Посебната тераса до која се стигнува од премиерскиот кабинет е покриена со челична конструкција и повторно со непробојни стакла - тешки неколку тони и дополнителна мрежа на горниот дел, најверојатно за заштита од дронови. Овие навидум обични столбови, всушност се четири инвертори кои според капацитетот, би можеле повеќе денови да ја снабдуваат премиерската просторија со кислород, а таа да остане затворена како бункер. Екс премиерот направил и посебен ходник и влез само за него до салата за владини седници. Таму пак, вратите се со необична дебелина и тежина, со дури пет опции за заклучување. Ѕвончето на премиерското место најверојатно служело за шефот да ги прекори оние што ќе го нарушат редот на состанокот. И оваа просторија е со непробојно стакло, а останатите врати служат за во салата да влегуваат министрите и службениците. Но, луксузот и реновирањето се ограничени само на коцката во која е сместен премиерскиот кабинет. Како контраст вака запуштено изгледа старата сала за владини седници. Слично, нечепнати се и другите кабинети во другите коцки.