НБРМ: Набавката на цвеќиња и чоколади за потребите на банката е практика што се реализира со години наназад

Макфакс

14/02/2018

19:07

970

Големина на фонт

а а а

Од Народната банка на Република Македонија денеска појаснуваат дека набавките на млечни чоколади и цветни аранжмани за потребите на банката не се новитет и дека истите се реализираат повеќе години наназад.

„Набавка на цвеќе и цветни аранжмани вршат сите институции во Република Македонија, а не само Народната банка. Во случајов, истото е потребно поради запазување на протоколите при одбележување значајни датуми, запазување на протколите при организирање на некои од настаните на Народната банка и други активности коишто подразбираат почитување не само на домашни туку и на меѓународни протоколи. Значи, не станува збор за цвеќе и цветни аранжамни коишто се набавуваат за еден настан, туку за цвеќе и цветни аранжмани потребни во текот на цела една година, од денот на потпишување договор со економски оператор“, информираат од НБРМ.

Во однос на млечните чоколади, додаваат дека исто како и цвеќето и цветните аранжани, потребни се не за еден настан, туку за низа настани коишто се организираат во текот на целата година.

„Станува збор за мини млечни чоколади кои се обвиткани во хартиена фолија со логото на Народната банка и слики на банкноти, коишто по примерот на многу централни банки и НБРМ ги користи за репрезентативни, односно протоколарни цели уште од 2012 година“, нагласуваат од НБРМ.

Оттаму истакнуваат дека мини млечните чоколади се потребни при посетите на ученици и студенти коишто доаѓаат во рамки на активностите за финансиска едукација, како и децата од предучилишна возраст, учениците и студентите коишто го посетуваат Музејот на Народната банка. Најмал дел од млечните чоколади се користат и за послужување официјални гости на раководството на Народната банка.

„Нагласуваме дека мини млечните чоколади се само една од брендираните форми на материјал за репрезентативна и протоколарна намена коишто мноштво централни банки ги користат, при што е и една од најевтините. Потсетуваме дека користењето вакви брендирани производи што имаат репрезентативна намена или се користат за протоколарни цели не се новост и во Република Македонија, туку веќе години наназад ги користат низа државни и јавни институции“, информираат од Народната банка, при што нагласуваат дека критериум и за двете набавки е најниската цена.

Според објавениот оглас, млечните чоколади треба да бидат со логото на банката, слики од банкноти од 500, 1000, 200, 100, 50 и 10 денари. Според техничката спецификација, секоја чоколадата треба да биде 5 грама, а треба да се изработат 68.000 парчиња. Проценета вредност на чоколадите без ДДВ е 127.118 денари или околу 2.000 евра.

Народната банка на Република Македонија објави оглас за набавка на 68.000 парчиња млечни чоколади, од по 5 грама чија проценета вредност без ДДВ е 127.118 денари или околу 2.000 евра Истовремено, распишана е јавна набавка и за 440 цвеќиња чија проценета вредност е 257.627 денари без ДДВ или нешто повеќе од 4.000 евра. Најповолната понуда ќе се избира преку електронска аукција на крајот од февруари.




Спонзорирани линкови

Маркетинг