Средба Бектеши-Бечај: Автопатот од Блаце до Скопје ќе ја зголеми трговската размена со Косово

Макфакс

14/02/2018

16:52

433

Големина на фонт

а а а

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска оствари средба со министерот за иновации и претприемништво на Република Косово, Бесим Бечај.

Како што информираат од Министерството за економија, на средбата двајцата министри разговарале за економската соработка меѓу двете земји, трговската размена и соработката на полето на инвестициите, a биле изнесени и конкретни идеи и предлози кои би придонеле за зајакнување на соработката во корист на деловната заедница од двете држави.

„На колегата Бечај, кој го води ресорот иновации и претприемништво, му ги претставив мерките од Планот за економски раст на нашата Влада, кој ги дефинира главните политички приоритети за претстојниот период и со кој се очекува: зголемување на приватните инвестиции, зголемување на вработеноста, зголемување на ефикасноста, продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор, зголемување на извозот и регионалната економска соработка и подобрување на благосостојбата на граѓаните. За меѓусебната соработка со Косово, со мерките од Планот посебно очекуваме ефекти во делот на инвестиции и на регионалната соработка, што ќе биде од корист за двете земји“, изјавил министерот Бектеши по средбата.

Од прашањата што се од заеднички интерес од двете земји, Бектеши го информирал својот косовски колега за проектот за изградба на автопатот Скопје-Блаце, за кој на последната владина седница беше презентиран Акционен план со утврдени термини за реализација, а според проекциите, активностите на оваа делница долга 12 километри треба да почнат во 2019 година, а да бидат финализирани до крајот на 2022 година.

Бектеши додал дека билатералната трговска соработка со Косово минатата година била зголемена за 11,4%, а годинава 6% во однос на 2016.

Министерот за иновации и претприемништво на Република Косово, Бесим Бечај, изјавил дека економските односи со Македонија се одлични и ја поздравил определеноста на Владата на РМ за утврдување на времетраењето на изградбата на оваа делница. Според него, изградбата на автопатот од Приштина до Блаце од косовска страна, и од Блаце до Скопје од македонска страна, ќе придонесе за зголемување на трговската размена и протокот на луѓе и стоки меѓу двете земји.



Спонзорирани линкови

Маркетинг