Револуционерно откритие на НАСА: Пронашле соларен систем со 8 планети сличен на нашиот

Точка

15/12/2017

09:51

2.107

Големина на фонт

а а а

НАСА објавила дека открила соларен систем со еднаков број на планети каков што е и Сончевиот систем.

НАСА со помош на телескопот на Кеплер претходно открила седум планети кои кружат околу ѕвездата Кеплер-90, која изгледа како нашето Сонце. Меѓутоа, научниците денес објавиле дека откриле и осма планета во системот со помош на технологијата на "Google" со вештачка интелигенција. 

Осмата планета била откриена со помош на компјутер кој ги обработувал податоците од вселенскиот телескоп на Кеплер и барал сигнали кои би можеле да доаѓаат од планетите. Ова откритие укажува дека и меѓу претходно насобраните податоци може да се најдат информации за соларни системи кои уште не се откриени. Кеплер собирал податоци четири години и притоа прегледал 150.000 ѕвезди, наведуваат научниците.

Планетите во откриениот соларен систем се многу поблиску една до друга отколку планетите во нашиот систем, но тој е многу стабилен.

"Системот на ѕвезди Кеплер-90 е како мини верзија од нашиот соларен систем. Малите планети се внатре, а големите надвор, но сите се многу блиску една до друга", рекол астрономот на НАСА, Ендру Вандербург. Додал дека ова "речиси сигурно не е последниот откриен систем со осум планети".

Системот Кеплер-90 не е добар кандидат за пронаоѓање на живот, но новото откритие наведува на претпоставка дека научниците би можеле да пронајдат многу повеќе планети од тоа што очекувале, со помош на компјутерски анализи на претходно собраните податоци.



Спонзорирани линкови

Маркетинг