Стојче Стаменковски: Сообраќајните несреќи се новата 'епидемија' што коси млади животи!

Точка

09/03/2017

10:30

5.764

Големина на фонт

а а а

Зголеменото влијание на социјалните медиуми покажа дека голема доза на негативна емоција кај младите предизвикуваат вестите поврзани со сообраќајните незгодни, посебно кога има загуба на човечки животи. За таа цел решивме да поразговарама со Стојче Стаменковски кој веќе две години е Претседател на РСБСП - Републички Совет за безбедност на сообраќајот и патиштата, кој низ разговор ни изнесе интересни статистики.

Инаку Стојче е роден 1987 година во Скопје, по завршеното средно училиште тој се запишува на Економскиот факултет во Скопје. Завршува економски факултет, а магистрира деловно право на Правен факултет. Сообраќајот му била спореден интерес, а маркетингот само хоби. Денес неговата работа е тесно поврзана со овие две работи. Тој подолго време е вработен во Министерството за внатрешни работи, а веќе две години е на функцијата Претседател на РСБСП. Вели дека желбата за промени и дозата на креативност се основот за интересните и оргинални кампањи и активности.

За себе вели дека во оваа работа предизвик му е секоја нова, интересна и успешна кампања, како и секоја интересна едукативна активност, но најголем мотив му се статистичките податоци односно остварување на нивната примарна цела – намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви во нив. Целта му се бројките поврзани со сообраќајот и сообраќајна култура да ја донесе на ниво на земјите членки на ЕУ.

ЗА РСБСП ВО КРАТКИ ЦРТИ


РСБСП е советодавно, ексепертско тело кое е формирано од страна на Собранието на Република Македонија. Главна цел на оваа инситутција е сообраќајна едукација, превенција и подигнување на сообраќајната култура. Во својот состав брои видни членови, докажани пред се во сферата на сообраќајот, едукацијата и превенцијата. Оваа година РСБСП обележува 55 години од своето постоење и оваа година ќе се памети по тоа што е планирана за реализација на голем број активности.

Стојче, релативно си млад, а вистина е дека откако дојде на чело на РСБСП младите па и постарите всушност и дознаа дека постои ова тело. Што е она што прво го направи кога стана Претседател на РСБСП?

СТОЈЧЕ: Да, навистина е така. На почетокот, на многумина не им беше јасно кои сме ние, од каде се појавивме? Не само вие-новинарите, туку голем дел од граѓаните, особено помладите, па дури и многу фирми и организации, со кои денес имаме одлична соработка, воопшто не беа запознати дека во државава постои организација која 55 години во континуитет се грижи за безбедноста во сообраќајот - РСБСП. Но, силното темпо на работа кое го наметнав јас и тимот околу мене во комбинација со добра примена на комуникациски и маркетинг алатки, помогна денес Советот да е организација која што е препознатлива помеѓу популацијата.


Што се однесува до моите години, и покрај тоа што сум релативно млад, јас уште од самиот почеток бев свесен со каков предизвик ќе се соочам водејќи ја работата на Советот бидејќи на оваа позиција дојдов од позиција член на РСБСП, во минатиот состав. Затоа, првата работа што ја направив кога ја преземав оваа функција беше организација. Добра организација на работата, вистински луѓе во тимот и позитивна работна атмосфера, се клучот за добар и успешен почеток на секоја работа.

Како млад човек, посебно ми претставува задоволство да работам меѓу млади и со млади луѓе. Успехот во нашата работа се должи токму на тоа. Најголем дел од обврските се доверени на млади лица кои се компетентни, професионални и одговорни во исполнувањето на доверените задачи и можам да кажам дека сум горд на тоа што успеавме да го направиме изминативе две години, благодарение на трудот и креативноста на младите лица. Работиме работа која е интересна и предизвикувачка. Едноставно, функционираме како тим, се залагаме како тим и работиме како тим. Тимскиот дух и енергијата на младите лица кои се ангажирани во РСБСП се чувствуваат во нашата работа.

По што РСБСП се разликува од претходно и каде лежи тајната на имиџот кој што го изградивте?

СТОЈЧЕ: Особено значајно за оваа работа е фактот дека желбата за промени или за подобро утре е најважна од се. И токму таа желба во комбинација со малку креативност ги носи интересните идеи и кампањи. Лично мене ме радува фактот дека луѓето позитивно ги оценуваат и поздравуваат нашите активности и кампањи, а кампањите се само еден дел од нашата работа. За да бидеш успешен во едно вакво тело неопходно е да посветуваш сериозно внимание и на научниот, едукативниот и нормативниот аспект.


Ќе биде нескромно ако јас говорам сам за себе, но би се согласил дека активностите на РСБСП во изминатиот период ја сменија перцепцијата за оваа интситуција. Денес ние сме државно тело кон кое се гледа со респект, по интензитетот, квалитетот на работа и креативноста која ја внесуваме во сето тоа.

На крајот само ќе додадам дека постојаната комуникација со граѓаните, комуникација со партнерите од земјите членки на ЕУ, желбата за учење и подобрување создаваат кампањи кои што се интересни за сите, според мене тука лежи клучот за интересен, креативен и практичен концепт и во нашата работа и во сите останати дејности поврзани со маркетинг, едукација и превенција.

Една од главните теми, кога станува збор за безбедноста во сообраќајот се сообраќајните незгоди за кои сме сведоци дека се доста честа појава. Дали поради зголеменото влијание на социјалните мрежи и брзото пренесување на информациите, имаме чувство дека денес има повеќе сообраќајни незгоди од порано?

СТОЈЧЕ: Незгодите како појава постојат од кога постои човекот. Сообраќајните незгоди постојат од кога постои сообраќајот, се случувале и ќе се случуваат, само што денес информациите се движат, со брзина на светлината, односно со брзината на Интернетот. Факт е дека пред да ја имаме на располагање оваа алатка, информациите стигаа подоцна или воопшто и не стигаа до нас. Можеби ќе слушневме на радио или ќе видевме на вести за некоја поголема, потешка сообраќајна незгода, но денес тоа не е така, денес сме во можност да видиме фотографии и снимки веднаш по случување на некоја незгода. Денес имаме информација дури и за најлесната сообраќајна незгода која поминала со гребаница или со скршен фар.


Денес веднаш имаме „пресуда“ кој бил виновникот, како и зошто се случила незгодата. Веднаш се отвораат дебати на Фејсбук меѓу групата во која се споделуваат информациите. На некој начин, тоа и не е така лошо бидејќи самите членови се обидуваат меѓусебно да си дадат совет или критика и со самото тоа да делуваат едукативно едни на дуги, но од друга срана, пак, влијанието на социјалните мрежи, посебно на Фејсбук мрежата, е до тој степен големо, што се губи реалната слика за проблемот со незгодите. Зависно од медиумот што ја споделува информацијата или од возрасната група која споделува или коментира за одредена незгода, информацијата може да се интерпретира поинаку, да се навлезе подлабоко со детаљите или да се дадат погрешни информации и податоци за настраданите лица.

Тоа што секојдневно се зборува за сообраќајните незгоди е добра работа и делумно е заслуга на РСБСП затоа што ние преку нашата соработка со медиумите, како наши важни партнери, постојано потенцираме дека со континуирано известување за сообраќајните незгоди ќе влијаеме врз свеста на учесниците во сообраќајот, односно ќе придонесеме сериозно да ги сфатат и разберат последиците од неодговорно учество во сообраќајот и од непочитување на сообраќајните правила и прописи.

Што велат бројките, кажи ни некои интересни статистички податоци.

СТОЈЧЕ: Она што статистиката го покажува е дека наголем број од сообраќајните незгоди во 2016 година, со загинати лица (52) се случени токму во градските средини (улици). Според мене и ова се должи на моќта на Интернетот и социјалните мрежи. Во градовите живеат најголем број од младите луѓе кои се постојано на Интернет. На Јутуб каналот, па и на Фејсбук секој има слободен пристап до видеа од брзи и моќни автомобили и мотори, видеа од улични трки и натпреварувања кој има „појака машина“, кој е подобар, побрз... Како одраз во огледало и нашата младина сака да се поистоветува и да го преслика ваквото однесување. Најчесто тоа се прави пред друштвото за да се стекне слава, да се покаже машкоста или да се покаже општествениот статус и кој со што располага.


За жал, моќта на Интернетот кај нас многу често се одразува негативно. Кога само сите овие фотографии и објави од стравични сообраќајни незгоди за момент би ги вкопале во место сите оние кои возат брзо, кои се под дејство на алкохол, сите оние кои не размислуваат дали возилото им е технички исправно или не, сите кога ќе прочитаат или видат дека се случила сообраќајната незгода во која згаснал живот, млад, стар, без разлика, би се сепнале, би се запрашале „кој е тој човек“, „дали сакал да умре“, „дали тоа дете имало желби и планови за иднината“, „дали фантазирало што ќе биде кога ќе порасне“, би се запрашале „што ако бев јас, што ако беше моето дете“, би си ветиле дека од овој момент па натаму ќе бидат совесни и одговорни возачи, тогаш сообраќајните незгоди и да се ТОП тема ќе знаеме дека информациите кои ги добиваме за нив и дискусиите поврзани со нив влијаат врз свеста на луѓето, а бројките и црната статистика драстично ќе се намали, затоа што, да бидеме искрени и реални, бројот на незгоди никогаш нема да биде нула.

Кај најранливата категорија учесници во сообраќајот, статистиката е следна: загинати велосипедисти – 9, загинати моторциклисти – 13, загинати пешаци – 35. До 165 лица кои загинале во сообраќајни незгоди, останатите се возачи, совозачи или патници, а 22 од нив, не носеле безбедносен појас!

Дали алкохолот е една од главните причини за предизвикување на сообраќајни несреќи?

СТОЈЧЕ: Иако можеби очекувавте дека алкохолот ќе биде водечка причина за сообраќајни незгоди во Република Македонија, сепак брзото возење е на високото прво место со загубени 69 човечки животи во 2016 година, по него следува не-држење страна и правец на движење - 30 загубени животи, на третото место е непочитување првенство на минување - 18 загубени животи, на четврто место е управување под дејство на алкохол - 14 загубени животи и на петтото место е неправилно движење, свртување - 7 загубени животи. Битката со времето и желбата да одговориме на сите предизвици кои ни ги поставува денешниот начин на живот, ја губи битката со брзината на патиштата, не само кај нас, туку и во светот.


Алкохолот може да се каже дека е главна причина за несоодветно и несовесно однесување на младите во сообраќајот, односно тоа што ги тера младите да бидат агресивни, малку посилно да стиснат на педалат на гас, да не ја почитуваат сообраќајна сигнализација, да не дадат предност на оние кои ја имаат... и резултатот од сето ова е големата бројка на сообраќајни незгоди и жртви во нив.

Се казнува зборување на мобилен телефон, а дали се казнува 'куцкање' додека се вози. Знаеме дека доста млади возат и пишуваат на Фејсбук, Вибер. Дали зголемената мобилна комуникација придонесе за порастот на незгодите и дали новите трендови ги менуваат законските прописи?

СТОЈЧЕ: Зборувањето на мобилен телефон е многу опасна појава и тука не се во прашање само возачите, туку и пешаците и велосипедистите. И не е само мобилниот телефон. Се користат смартфони, таблети, се текстира, се слуша музика, се играат игри, се прават фотографии и што ли уште не. Целата оваа појава стручните лица ја нарекуваат учество во сообраќајот со одвлечено внимание. Во Република Македонија не постои точна и прецизна статистика, но во западно-европските земји и во САД, учеството во сообраќајот со одвлечено внимание е рангирано во првите 5 причини за предизвикување сообраќајни незгоди и многу веројатно за брзо време оваа појава ќе се пренесе или можеби веќе е пренесена и во Република Македонија.


РСБСП постојано реализира активности со цел едукација на учесниците во сообраќајот и подигање на свеста за внимателно, концентрирано и активно учествување во сообраќајот бидејќи не само што тоа е законска обврска туку пред сѐ и заради сопствената безбедност и сопствениот живот. Едноставно, секој учесник во собраќајот е должен внимателно да го следи сообраќајот, сообраќајната околина и случувањата во сообраќајот и неговата околина. Навремено перцепирање и идентификување на потенцијалните закани значи и можност за навремена реакција и нивно отстранување и избегнување.

Дали викендите се покритични, и дали петок и сабота во раните утрински часови и на чисто зелено треба да отвориме 'четири очи'?

СТОЈЧЕ: Статистиката за 2016 година, покажува дека кога се во прашање сообраќајните незгоди и жртвите во сообраќајни незгоди, најцрн ден во неделата е понеделник, кога 31 лице го загубило животот во сообраќајни незгоди, од вкупно 165 загинати лица во 2016 година. Периодот од 16 до 18 часот, пак, се смета за најцрн период од денот, кога 25 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди. Јуни, јули и август се најцрните месеци во годината и во тој период речиси двојно повеќе лица го губат животот во сообраќајни незгоди, во споредба со другите месеци. Оваа статистика е сосема логична и очекувана, затоа што во тој период од денот или годината интензитетот во сообраќајот е најголем.


Кога се во прашање младите лица, викендите секогаш се најкобни, а речиси и да нема продолжен т.е празничен викенд без жртва во сообраќајна незгода. Ако се земе предвид интензитетот на сообраќајот и бројот на сообраќајните незгоди, тогаш дефинитивно деновите за викенд и раните утрински часови, особено во летниот период од годината, се најризични и со најголем број сообраќајни незгоди кои генерално се последица не само на непочитување на сообраќајните правила и прописи, туку последица на агресивно, насилно и девијантно однесување во сообраќајот.

Како најчесто гинат младите луѓе на патиштата во Македонија и во светот, кои се причините и последиците и кои се вашите планирани активности за овој број да се намали.

СТОЈЧЕ: Проблемот со безбедноста на младите произлегува од нивната лажна самоувереност дека се вешти и способни возачи и дека може да управуваат моторно возило под дејство на алкохол и со повисоки брзини. Вишокот на адреналин и нивната желба за докажување, за жал, на погрешен начин, често ги води младите на патот кон смртта. Општествениот систем на вредности е поместен во погрешна насока и наместо да демонстрираат култура, толеранција, етика и разбирање, младите најчесто се докажуваат во општеството со девијантни појави како што се брзото возење, ноќни трки, управување на моторно возило под дејатво на алкохол или под дејство на наркотични и психотропни супстанци, итн.


РСБСП за оваа година во својата Програма предвиде кампања наменета за младите и нивно безбедно учество во сообраќајот. Кампањата преку активностите кои се содржат во неа, подлабоко ќе допре до емоцијата на младата популација и директно ќе влијае врз подигање на нивната свест, но и култура и начин на однесување во сообраќајот.

Знаеме дека работите на многу проекти, ајде кажете ни некои поинтересни што следуваат во наредниот период.

СТОЈЧЕ: Како што споменав и во претходното прашање, за оваа година РСБСП предвидува низа активности за подигнување на безбедноста во сообраќајот на патиштата, во чии главен фокус ќе биде младата популација. Тоа ќе биде интересна, креативна кампања која на нов и специфичен начин ќе се обиде да ја подигне свеста за безбедно и одговорно учество на младите во сообраќајот.

Во оваа прилика, сакам да го најавам и велосипедското дефиле кое оваа година го планираме за почетокот на месец мај, а кое според плановите ќе биде интересен, органилен и креативен настан. Во текот на летото во план се теренски активности наменети за младата популација.


Кога сме кај активностите, оваа година продолжуваме со активностите наменети за децата. Како дел од нив, ќе ги споменам познатиот „Едукативен автобус“ и „Детскиот семафор“, а во наредниот период, особено во второто полугодие, ќе можеме да забележаме млади деца кои ќе бидат облечени во флуоросцентни елечиња, со стоп палки и безбол капи на кои пишува „УСЕ“, како заедно со полицајците ќе го контолираат и ќе го управуваат сообраќајот. Потоа, ќе бидат организирани едукативни трибини „Вози одговорно–животот е во твои раце“, во повеќе градови во Република Македонија. Исто така, ќе бидат организирани повеќе активности за промоција на велосипедизмот и за подигање на јавната свест за поголема употреба на велосипедот како сообраќајно превозно средство. Во текот на летниот период ќе бидат организирани повеќе мобилни пунктови во Република Македонија на кои ќе се делат освежителни пијалоци и едукативни материјали. Кратко кажано, РСБСП е постојано активен и постојано присутен на терен.

Доаѓа пролет, сите сакаме да прошетаме. Кажете ни некои 'трикови' како пешаците за се заштитат од 'лудите возачи'? На што најмногу треба да се внимава и каде најчесто се прават грешки со фатални последици?

СТОЈЧЕ: „Трикови“ не постојат. Постојат јасни правила кои важат и за пешаците и за возачите. Решението е во одговорното учество во сообраќајот и во почитување на правилата и прописите и од страна на возачите и од страна на пешаците. За возачите тоа значи да го почитуваат ограничувањето на брзината, односно да ја намалат брзината коге се движат во населено место, во близина на училиште, градинка, болница, трговски центар т.е пред секој пешачки премин. Правилата кои треба да ги почитуваат пешаците се да ја поминуваат улицата на пешачки премин, откако ќе се уверат дека тоа може безбедно да го направат, без да го загрозат безбедното одвивање на сообраќајот, да не ја претрчуваат улицата надвор од пешачки премин, да не се движат меѓу двете коловозни ленти и во услови на намалена видливост да носат флуоресцентно елече или бела рефлектирачка облека со рефлектирачки додатоци.

Кои се вашите активности за заштита на пешаците во сообраќајот?СТОЈЧЕ:

РСБСП секоја година реализира активности за поголема безбедност на пешаците во сообраќајот. Со оглед на фактот дека повеќе од 50% од загинатите пешаци се лица на возраст над 60 години, РСБСП во овој дел фокусот го става на организација на едукативни предавања во пензионерските домови и на останатите места каде се собираат повозрасни лица. Исто така, во рамки на активностите за поголема безбедност на пешаците во сообраќајот, ќе бидат реализирани активности за дистрибуција на едукативни материјали за пешаци, дистрибуција на едукативни материјали за возачи, со посебен акцент на дистрибуција на материјали со пораки за правилно паркирање и ослободување на тротоарите за пешаците. Ќе бидат организирани и други едукативни акции во кои ќе бидат вклучени млади лица кои ќе им помагаат на возрасните лесно и безбедно да преминат улица. Во овие акции, како награда за оние кои правилно ја преминуваат улицата, ќе се делат пригодни подароци (карти за натпревар, кино или театар), но ќе се дели и едукативен црвен картон за оние кои неправилно ја преминуваат улицата и др.

Исто така имаме чувство дека и бројот на луѓе кои користат велосипед во главниот град е зголемен. Дали сите кои управуваат со велосипед се совесни и дали ги почитуваат пропишаните правила?

СТОЈЧЕ: Искрено да ви кажам, го делам истото мислење со вас, и јас лично сум многу среќен поради тоа што голем број од граѓаните на Скопје, претпочитаат да го користат велосипедот, не само како средство за рекреација, туку и како превозно средство до училиште, до факултет или до работното место. На велосипедот повеќе не се гледа како на социјално превозно средство и младите сѐ повеќе го користат велосипедот во сообраќајот. Одредени истражувања покажуваат дека на кратко растојание, до 5 километри, во урбана средина, велосипедот е доминантно превозно средство, во однос на побрзо пристигнување на посакуваната дестинација, побезбедно патување и полесно паркирање. Освен тоа, придобивките од употребата на велосипедот се повеќекратни, од економски, еколошки и енергетски аспект, и со бројни позитивни придобивки по здравјето на луѓето.


Во Република Македонија, во 2015 и во 2016 година, 9 велосипедисти годишно го губеа животот во сообраќајни незгоди и ако се земе предвид фактот дека во годините претходно, бројот на загинати велосипедисти во сообраќајни незгоди се движеше од 11 до 14, како и фактот дека бројот на велосипедисти учесници во сообраќајот континуирано расте, може да заклучиме дека кај велосипедистите постои одреден степен на подобрување на безбедноста во сообраќајот. Сепак, бројот на настрадани велосипедисти во сообраќајни незгоди сѐ уште е голем, особено ако се направи паралела на тоа колкав број од велосипедистите учествуваат во сообраќајот и колкаво е нивното учество во вкупниот број настрадани лица во сообраќајни незгоди.

Една од причините за ваквата состојба е токму непочитувањето на сообраќајните правила и прописи од страна на велосипедистите. Секојдневно можеме да видиме велосипедисти кои се движат непрописно во сообраќајот, кои ја поминуваат улицата на пешачки премин со возење на велосипедот, кои во ноќни услови неосветлени учествуваат во сообраќајот, не носат заштитна опрема, возат по тротоар, итн. Мојот став по однос на ова прашање е дека дел од вината за големиот број настрадани велосипедисти во сообраќајни незгоди, е токму кај велосипедистите.

Дали во Скопје возачите на автомобили совесно се однесуваат кон велосипедистите?

СТОЈЧЕ: Возачите, исто така, носат голем дел од одговорноста кога се во прашање велосипедистите и нивната безбедност во сообраќајот. Ние како РСБСП постојано укажуваме на тоа дека е неопходно да се подигне културата и свеста кај возачите за почитување на велосипедистите како рамноправни учесници во сообраќајот. Најчестиот и најопасниот прекршок кој го прават возачите во однос на велосипедистите е неправилното престигнување. Имено, возачите преземаат дејствија за престигнување на велосипедистите и покрај тоа што од спротивната насока наидува друго возило. Велосипедистот се престигнува на начин на кој директно се загрозува неговата безбедност, а најчесто страдаат кога возилата се разминуваат со тешки товарни возила. Понатаму, паркирање на возилата на работ од коловозот, отворање врати, непропуштање на велосипедистите на велосипедски премин, итн. Ова се само дел од грешките кои ги праваат возачите, а со кои ја загрозуваат безбедноста на велосипедистите во сообраќајот.

Има ли Скопје доволно велосипедски патеки за еден граѓанин на овој град да може да функционира со велосипед, да оди на работа, да пазари, да прошета...?СТОЈЧЕ:

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата континуирано покренува иницијативи, до сите единици на локалната самоуправа, за изградба на велосипедски патеки, велосипедски паркинзи и друга сообраќајна инфраструктура, со која ќе се обезбедат услови за поголемо и побезбедно учество на велосипедистите во сообраќајот. Изградбата на велосипедски патеки е процес кој трае подолго време, почнувајки од фаза на изготвување сообраќаен проект, па се до негова финализација. Во овој момент, можам да кажам дека Град Скопје е во една понапредна фаза на имплементација на проектот „Скопје Велоград “, според кој е предвидено да се изгради мрежа на конитунирани и интегрирани велосипедски патеки, со кои ќе може со велосипед да се стигне од едниот до другиот крај на градот.


Засега целиот процес не е завршен и ефектите се чувствуваат парцијално, но со неговото завршување ќе се изгради мрежа на велосипедски патеки кои ќе бидат континуирани и интегрирани, а со тоа ќе се создададат услови за безбедно учество на велосипедистите во сообраќајот. Самиот проект требаше да биде готов до крајот на 2017 година, но поради одредени објективни причини (узурпација на јавен простор, дислокација на киосци и трафики, изградба на подземна инфрасреуктура и др.), имплементацијата на проектот се одвива со одредено каснење, но од Градот уверуваат дека целиот проект успешно и целосно ќе се заврши. Завршувањето на овој проект значително ќе го намали бројот на настрадани велосипедисти во Скопје.

Ваши активности за зголемување на безбедноста на велосипедистите?

СТОЈЧЕ: Погоре споменав за организација на велосипедско дефиле кое го планираме за почетокот на месец мај. Како и секоја година, така и оваа, ќе ги реализираме активностите „Мај–месец на велосипедистите“ и „Европска недела на мобилност“, во рамки на која реализираме поголем број едукативни предавања и трибини за едукација на велосипедистите за нивно одговорно учество во сообраќајот и за едукација на возачите за нивниот однос кон велосипедистите.


Во рамки на овие кампањи, изработуваме и дистрибуираме голем број едукативни материјали, а исто така организираме голем број обуки за деца и млади кои ќе им помогнат правилно и вешто да управуваат велосипед. Минатата година започнавме со реализација на една интересна активности насловена „Македонија се сака на точак“ чија цел е промоција на велосипедизмот и убавините на нашата земја. На крајот, само ќе напоменам дека активностите поврзани со велосипедизмот се високо на приоритетите на нашата организација. РСБСП ги почитува велосипедистите и понатаму со нивна помош ќе реализира активности за подигнување на нивната безбедност, но и за промоција на велосипедизмот.

Оваа година нема да ја изоставиме и традиционалната кампања која ја реализираме во текот на летниот период, понатаму кампања за децата на почетокот на новата учебна година, активностите поврзани со матурантите, новогодишните кампањи и уште многу други интересни активности.

Кога сме кај велосипедите, моментален хит во светот е E-BIKE. Дали Скопје е спремен за овој тренд, да се вози со брзини од 30 до 40 км на час по велосипедска патека. Дали E-BIKE ќе придонесе за промена на некои законски прописи кај велосипедистите?

СТОЈЧЕ:

Сѐ што е светски хит за кратко време доаѓа и во Скопје и во Македонија и обврска на сите надлежни институции е да се подготват и да се создадат услови за развој и поголема застапеност на ова превозно средство и кај нас. Придобивките за Скопје и скопјани би биле огромни, а јас лично верувам дека во брзо време E-BIKE како сообраќајно превозно средство ќе биде широко застапено и во Република Македонија. Законската регулатива и ЗБСП предвидува одредби кои се однесуваат на учество во сообраќајот со велосипед со мотор и истата треба да се прошири и надгради.

И едно интересно прашање за крај. Кои се посовесни возачи мажите или жените? :)

СТОЈЧЕ:

Тешко прашање. Статистиката покажува дека жените помалку страдаат во сообраќајни незгоди. Изминатата година, во Република Македонија, од 165 загинати лица во сообраќајни незгоди, 136 биле мажи, а 29 биле жени. Жените како учесници во сообраќајот, помалку прават грешки со фатални последици, а брзото и агресивно однесување не е својствено за нив. Другото оставам да го заклучат вашите читатели.




Спонозорирани линкови

Маркетинг